[ВИДЕО] Императорот и натаму е мајстор – во папучи, без маица и со пура во раката, но магијата не исчезнала

Точка

12/11/2026

19:21

684

Големина на фонт

а а а

Познатиот фудбалер уште еднаш ги „запали“ социјалните мрежи.

Поминаа две децении откако легендарниот Адријано (44) жареше и палеше на терените во Италија, но љубителите на фудбалот ширум светот и натаму го обожаваат. Особено во неговиот роден Бразил, каде што секое негово појавување во јавноста се следи со големо внимание.

Така беше и овој пат, кога славниот Император се појави на улица во родниот Рио де Жанеиро. Во шорцеви и папучи, поточно во "јапонки", без маица, со пура во раката, со „пивско“ стомаче и, секако, со омилениот реквизит – топката. Без мака жонглираше со неа со колената, со главата и со петицата, а изведе и неколку финти, покажувајќи дека магијата не исчезнала. Насобраните на улицата со воодушевување го следеа неговиот настап, а еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња со широка насмевка уживаше во играта.

Поранешниот ас на Фламенго, Парма и Интер веќе неколку години живее во фавелата Вила Крузеиро за да биде блиску до семејството и пријателите од детството. Ја продал луксузната вила и извесно време престојувал во хотел во елитната населба Бара да Тижука, а потоа решил да се врати таму каде што пораснал.

Напаѓачот познат по силниот удар со левата нога никогаш не криел дека смртта на татко му Алмир во 2004 година го турнала во тешка депресија и алкохолизам. Тоа се одразило и врз кариерата и врз приватниот живот, во кој доживеал и развод. Кариерата му тргнала стрмоглаво надолу, се борел со бројни психички проблеми, а во 2016 година решил дефинитивно да се повлече од професионалниот фудбал.

Потоа бројни медиуми шпекулираа дека банкротирал и дека е поврзан со дрога и криминал, но прославениот голгетер категорично ги демантираше тие тврдења. Објасни дека во фавелата го наоѓа мирот што му недостигал во Европа и дека деновите ги минува шетајќи бос низ маалото, играјќи домино на улица и дружејќи се со соседите и децата.

Бразилецот израсна во Фламенго, а во тогашното силно италијанско првенство се афирмираше во дресот на Парма. Сепак, убедливо најдобрите партии ги одигра за Интер, каде што за шест и пол години настапи на 177 натпревари, постигна 74 гола и освои осум трофеи, меѓу кои и три шампионски титули.

Подоцна настапуваше и за Сао Паоло, Рома, Коринтијанс, Атлетико Паранаенсе и Мајами Јунајтед. За бразилската репрезентација постигна 27 гола на 48 натпревари, а ги освои и Копа Америка и Купот на конфедерациите.