„Инфантино треба да го испратат во психијатриска установа“

Точка

11/11/2026

22:42

347

Големина на фонт

а а а

Поранешниот претседател на Светската фудбалска федерација, Сеп Блатер, остро го критикуваше својот наследник Џани Инфантино, нарекувајќи го диктатор и порачувајќи дека можеби му е потребна психијатриска помош.

Во интервју за германското списание „Der Spiegel“, објавено во средата, Блатер зборуваше за начинот на кој Инфантино ја води „FIFA“. Тој особено ја осуди одлуката да му додели награда за мир на американскиот претседател Доналд Трамп, како и плановите за продажба на дел од комерцијалните права за Светското првенство.

„Федерацијата страда. Во моментов ја води човек кој дозволил да му се замати погледот“, рече Блатер, оценувајќи дека доделувањето на наградата за мир на Трамп било „срамно“:

„Зошто би направил такво нешто? Инфантино му доделува награда за мир на човек кој набргу потоа води војна против Иран? Тоа е лудост.“


Блатер го критикуваше и начинот на кој Инфантино, според него, ја обезбедува поддршката на националните фудбалски сојузи за нов мандат. Тој тврди дека претседателот на „FIFA“ ги придобива гласовите со ветувања за повеќе пари.

„Ако гласате за мене, ќе добиете многу повеќе пари од порано“, вака Блатер ја опиша наводната порака на Инфантино до претставниците на сојузите.

Потоа изнесе уште поостра оценка за неговиот начин на управување.


„Тој е диктатор. Луѓе од „FIFA“ ми велат дека никој не смее да се вози во лифт со него. Тој е недопирлив“, истакна Блатер.

Блатер особено го разгневи и отфрлениот план за продажба на дел од комерцијалните права за Светското првенство. Според него, Инфантино изгубил чувство за граници.


„Инфантино повеќе не познава никакви граници. Не разбира ништо од тоа. Мислам дека можеби еден ден треба да го испратат во психијатриска установа“, рече Швајцарецот.


Блатер беше на чело на „FIFA“ од 1998 до 2015 година, кога поднесе оставка среде голем корупциски скандал.

Против него се водеа постапки поради обвиненија поврзани со работењето на федерацијата, но на крајот беше ослободен во две судења.

Етичката комисија на „FIFA“ му изрече и забрана за вршење активности поврзани со фудбалот.