Фарзад Тони Тутуни наводно со години бегал од правдата, додека истовремено објавувал скандалозни фотографии на социјалните мрежи.
Агенти на американската Служба за имиграција и царинска контрола (ICE) го уапсиле Фарзад „Тони“ Тутуни, Иранец познат како „кралот на Инстаграм“.
Тутуни, кој на Инстаграм има 1,3 милиони следбеници е познат по скандалозните фотографии со голи манекенки, луксузни автомобили и модни додатоци. Тони бил уапсен на 27 октомври во Лос Анџелес, откако нелегално влегол во САД од Канада.

Властите наведуваат дека Тутуни се поврзува со низа кривични дела уште од 1989 година, вклучувајќи киднапирања, грабежи и изнуди.
Тој успешно ги избегнувал имиграциските агенти, додека на Инстаграм објавувал фотографии од пари, оружје, жени, луди забави, скапи часовници и луксузни автомобили…

Тутуни, кој живеел во вила вредна 5 милиони долари во Холивуд Хилс, исто така споделувал совети со своите следбеници преку објави на кои позирал со оскудно облечени жени, опкружен со луксуз. Во својата биографија на Инстаграм се опишувал како претприемач кој сам ги постигнал сите свои успеси, наведувајќи дека се занимава со инвестиции, недвижности и колекционерство.
Истражителите тврдат дека Тутуни извршил низа тешки кривични дела во САД, откако легално пристигнал во земјата во 1983 година.

Како што соопштиле службениците на американската Служба за имиграција и царинска контрола (ICE), тој претходно бил уапсен поради кривични дела поврзани со закани, злосторничко здружување, како и поседување и продажба на контролирани супстанции.
„Кралот на Инстаграм“, исто така, бил осуден на повеќе од 16 месеци затвор поради издавање фалсификуван чек, тешка кражба, злосторничко здружување, фалсификување, киднапирање, како и разбојништво и изнуда.

Во 1993 година, имиграциски судија наредил Тутуни да биде протеран од земјата, но според наводите на надлежните органи, тој успеал да остане во САД.
Шест години подоцна, друг судија повторно наредил негово протерување, по што бил депортиран во Мексико.

Меѓутоа, Тутуни изјавил дека околу 4 април 2011 година повторно нелегално влегол во САД, во близина на Сент Клер, во сојузната држава Мичиген. Тој тврдел дека ја преминал реката со електричен сплав што го купил во Канада.
Службениците на американската Служба за имиграција и царинска контрола (ICE) соопштиле дека инфлуенсерот се наоѓа во федерален притвор, додека надлежните органи започнуваат постапка за негово протерување од земјата.
Фото: Њујорк пост











