Еден обичен ден се претвора во вистински кошмар: Камерон Дијаз во нова комедија на Нетфликс

Точка

10/11/2026

19:25

531

Големина на фонт

а а а

Нетфликс го објави трејлерот за новата акциона комедија „Bad Day“ (Лош ден) во која главната улога ја толкува Камерон Дијаз.

Актерката глуми самохрана мајка која се обидува да го исполни ветувањето што ѝ го дала на својата ќерка, но низа неочекувани настани го претвораат нејзиниот ден во вистински хаос. Филмот пристигнува на Нетфликс на 11 декември, пишува „Варајети“.

Ѝ ветила на ќерка си дека нема да го пропушти натпреварот

Дијаз ја толкува улогата на Џој, самохрана мајка на две девојчиња, која ѝ ветува на својата помала ќерка дека ќе присуствува на нејзиниот фудбалски натпревар. Иако на прв поглед станува збор за едноставно ветување, набрзо станува јасно дека ништо нема да оди според планот.

Во трејлерот се гледа како ѝ го одземаат автомобилот со пајак-служба, банката ѝ ја блокира сметката, а во меѓувреме мора да го однесе и својот татко на дијализа. Ситуацијата станува уште полоша кога, поради недоразбирање во банката, ја сомничат за грабеж.

Додека се обидува да докаже дека не сторила никакво кривично дело, Џој се соочува со нови проблеми, а нејзиниот навидум обичен ден се претвора во низа сè поапсурдни ситуации. И покрај сè, таа не се откажува од намерата да пристигне на фудбалскиот натпревар на својата ќерка.


Во филмот глуми и ѕвездата на „Модерно семејство“

Покрај Дијаз, во филмот глуми и Ед О’Нил, познат по улогите во сериите „Брачни води“ и „Модерно семејство“, кој го толкува ликот на нејзиниот татко.


Во филмот се појавуваат и Даниел Брукс, позната по серијата „Портокаловата е новата црна“ (Orange Is the New Black), Џон Хигинс, Рензи Фелиз, Марк Дуплас, Бен Шварц, Роб Кордри, Џесика Белкин и Ема Пирсон.

Режисер на филмот е Џејк Шимански, познат по работата на серијата „Jury Duty“, додека сценариото го потпишува Лора Солон.

Камерон Дијаз повторно му се враќа на актерството

Филмот „Bad Day“ е еден од проектите со кои Камерон ја продолжува својата актерска кариера по речиси десетгодишна пауза.

Актерката во 2025 година се врати на екраните со акционата комедија на Нетфликс, „Back in Action“, во која глумела заедно со Џејми Фокс.


Новиот филм ги спојува акцијата и комедијата со семејна приказна, а Дијаз повторно има можност да го покаже својот талент за комедија, по кој публиката ја памети од филмовите како „Сите се луди по Мери“ и „Празникот“.

„Bad Day“ ќе биде достапен на Нетфликс од 11 декември 2026 година.