Во малото место Отерив, во југоисточна Франција, се наоѓа градба што изгледа како да е дел од некоја бајка или сценографија за филм од епската фантастика.
Нејзините фасади се украсени со необични фигури, животни, скулптури и орнаменти, а зад сето тоа стои човек кој не бил ниту архитект ниту вајар, туку поштар.
Роден во сиромашно семејство
Станува збор за Фердинанд Шевал, познат и по прекарот „Поштарот Шевал“, кој посветил 33 години од својот живот на изградба на необична градба наречена „Идеална палата“ („Le Palais idéal“).
Потфатот го започнал во 1879 година, кога имал 43 години, а го завршил во 1912 година. Денес ова дело се смета за извонреден пример за архитектура на наивната уметност.
Фердинанд Шевал е роден на 19 април 1836 година, во сиромашно земјоделско семејство. Го напуштил училиштето на 13 години за да стане пекарски чирак, но подоцна се определил за работата на поштар.
Неговиот живот го одбележале бројни семејни загуби. Во 1858 година се оженил со Розалин Револ, со која ги добил синовите Викторен Жозеф Фернан, роден во 1864 година, и Фердинан Сирил, роден во 1867 година.
Меѓутоа, Викторен починал кога имал само една година, додека Розалин починала во 1873 година, пренесува „Wikipedia“.
Пет години подоцна, Шевал ја запознал и се оженил со Клер-Филомен Ришо. Нејзиниот мираз го опфаќал и земјиштето на кое денес се наоѓа прочуената палата.
Во 1878 година ја добиле ќерката Алис-Мари Филомен, која починала во 1894 година, на само 15 години. Нејзината смрт тешко го погодила Шевал и таа била последното дете што го добил.
Ниту подоцна не го заобиколиле семејните загуби. Неговиот син Фердинан починал во 1912 година, а втората сопруга Клер во 1914 година.
Градба од различни материјали
Сè започнало во 1879 година, за време на една од неговите секојдневни поштенски рути. Шевал одел брзо кога се сопнал од камен со необичен облик. Застанал да го погледне, го подигнал и го понел со себе, воодушевен од неговиот изглед.
Тој миг го потсетил на сон што го сонувал многу години претходно. Во него, како што подоцна раскажал, изградил палата или замок, но никому не му зборувал за тоа бидејќи се плашел дека луѓето ќе му се потсмеваат.
Кога следниот ден повторно дошол на истото место, нашол уште камења, со поубави и понеобични облици. Бил воодушевен од нивниот изглед и заклучил дека природата сама создава скулптури што човекот не би можел да ги направи.
„Си реков: ’Штом природата е подготвена да се занимава со вајарство, јас ќе се погрижам за ѕидањето и архитектурата‘“, се присетил Шевал.
Така започнал потфатот што ќе го одбележи остатокот од неговиот живот.
Во текот на следните 33 години, додека ја разнесувал поштата, собирал камења и ги носел дома. На почетокот ги ставал во џебовите, потоа користел кошница, а подоцна количка. Често работел ноќе, осветлувајќи го градилиштето со маслена ламба. Првите 20 години ги посветил на изградба на надворешните ѕидови.
Градбата настанувала од различни материјали што ги наоѓал во природата – камења обликувани од речната вода, порозна бигорна карпа и фосили со различни облици и големини. Сето тоа го поврзувал со вар, малтер и цемент.
Едно од првите нешта што ги забележуваат посетителите е јужната фасада, долга околу 26 метри и висока до десет метри. Нејзините украси потсетуваат на прочуената базилика Саграда Фамилија во Барселона, дело на Антони Гауди.

Влез во „фантастична шума“
Сепак, постои една интересна околност – Шевал не патувал, а себеси се нарекувал селанец. Поради тоа, не ја видел споменатата градба пред да ја направи својата палата.
Писателот и ликовен критичар Џон Берџер во својот есеј ја опишал палатата на Шевал како „храм посветен на природата“ – не на природата каква што ја гледаат патниците и пејзажистите, туку на природата онака како што ја замислувал гениј што ја изразувал визијата на луѓето навикнати на тежок живот.
На градбата се наоѓаат и три огромни камени фигури, високи околу 10,5 метри, со лица што потсетуваат на кукли. Тие не се само украс, туку имаат и конструктивна улога, бидејќи ја потпираат таканаречената Берберска кула. До неа води низа цементни лебеди, покрај спирално скалиште.
Шевал на овие фигури им дал имиња на историски личности – Верцингеторикс, Архимед и Јулиј Цезар, а нивните имиња самиот ги врежал во каменот.

Северната фасада изгледа како влез во некоја „фантастична шума“. Долг премин, прошаран со големи отвори, пропушта светлина во внатрешноста на палатата. Ѕидовите се прекриени со мов и огромни прикази на морски алги, додека на таванот шарите од камчиња и школки се распоредени така што потсетуваат на лустери.
Горните делови на ѕидовите се украсени со хоризонтални ленти со врежани животни, во стилот на египетската уметност. Меѓу нив се два ноја и нивното младенче, камила висока 1,2 метри, фламинга, октоподи, лавови, змејови и поларна мечка.
Источната фасада се градела најдолго. На неа се наоѓа таканаречениот Храм на природата, градба налик на египетски храм, која ја потпираат масивни столбови од песочник. Тука се и два водопада, наречени Извор на животот и Извор на мудроста.
Целата палата претставува спој од различни стилови и влијанија, од христијанската до хиндуистичката уметност. Шевал во неа ја вткаил сопствената претстава за светот, не осврнувајќи се на вообичаените архитектонски правила.

Си изградил и мавзолеј
Шевал не сакал неговата градба да биде само необичен збир од камења и скулптури. На нејзините ѕидови оставил бројни кратки пораки, мисли и стихови што самиот ги врежал.
Меѓу нив се: „Ако бараш злато, ќе го најдеш во напорната работа“, „Пантеон на незнајниот херој“, „Дело на еден човек“, „Од сон ја создадов Кралицата на светот“, „Сонот на еден селанец“, „Храм на животот“ и „Палата на фантазијата“.
Еден од најпознатите натписи особено сведочи за тоа колку труд вложил во својот потфат: „1879 – 1912. Десет илјади дена, 93.000 часа, 33 години борба. Нека се обидат оние што мислат дека можат подобро“.
И навистина, тешко е да се замисли колку трпение му било потребно на еден човек, без стручно архитектонско образование, самостојно да изгради ваква градба.

Шевал сакал и по смртта да остане во својата палата, но француските власти не дозволиле да биде погребан на тоа место. Затоа поминал уште осум години градејќи сопствена гробница на гробиштата во Отерив.
Починал на 19 август 1924 година, приближно една година откако ја завршил изградбата на мавзолејот, во кој бил и погребан.
Кон крајот на животот, неговото дело почнало да го привлекува вниманието на познати уметници и творци. Меѓу оние што ѝ се восхитувале на неверојатната градба биле Андре Бретон и Пабло Пикасо.
Пикасо во 1937 година направил серија цртежи посветени на поштарот. Го прикажал како необично, хибридно суштество, со тело на коњ и глава на птица, во поштарска облека и со алат за ѕидање. Си поигрувал со неговото презиме, бидејќи зборот „cheval“ на француски значи коњ, но и со неговото занимање – птиците традиционално биле поврзувани со пренесувањето пораки.

















