Во Скопје се одржа првиот „CENTAR NIGHT RUN“ со учесници од 23 градови и девет земји. Натпреварувањето се состоеше од две дистанци, полумаратон и трка на 5 километри, а победниците добија награди. Настанот го организираше „Прв до врв“ со поддршка од Општина Центар.
Со музика, навивање и одлична енергија, во саботата се одржа првото издание на „CENTAR NIGHT RUN“. Дебар Маало и улиците на Центар беа исполнети со тркачи и публика, кои создадоа нова спортска приказна во градот, соопшти организаторот.
Настанот привлече учесници од 23 градови од Македонија и вкупно девет земји, а 50% од тркачите беа помлади од 30 години. Со старт и цел пред Општина Центар, на улицата „Орце Николов“, учесниците се натпреваруваа на две дистанци: полумаратон од 21 километар и трка на 5 километри.
Во женска конкуренција на трката од 21 километар, победи Адријана Поп Арсова Рашиќ со време 1:18:26 и награда од 20.000 денари. Второто место го освои Биљана Кираџиева со 1:24:30 и награда од 15.000 денари, а третото Марија Остојчиќсо 1:37:37 и награда од 10.000 денари.
Во машка конкуренција, прв беше Бојан Чаприќ со време 1:14:50 и награда од 20.000 денари. Втор заврши Димитар Илиев со 1:15:05 и награда од 15.000 денари, а трет Кокан Ајановски со 1:15:38 и награда од 10.000 денари.
Сите освојувачи на првите три места на полумаратонот се од Македонија.
Во женска конкуренција, на трката од 5 километри победи Дарија Крстевска со време 18:47 и награда од 12.000 денари. Второто место го освои Снежана Димовска со 21:21 и награда од 9.000 денари, а третото Бистра Груевска со 21:28 и награда од 6.000 денари. Сите три првопласирани се од Македонија.
Во машка конкуренција, победи Албион Имери од Косово со време 15:35 и награда од 12.000 денари. Втор беше Григоријан Никовски од Македонија со 15:50 и награда од 9.000 денари, а трет Урош Гутић од Босна и Херцеговина со 17:13 и награда од 6.000 денари.
Вкупниот награден фонд изнесуваше 144.000 денари, со еднакви награди за жените и мажите на двете дистанци.
„За атмосферата се погрижија водителката Даниела Станоевска Џидрова и диџеј Вито, а за освежување на учесниците беа обезбедени вода, вода со вкусови, електролити и банани.
Организаторите им се заблагодаруваат на учесниците, публиката, волонтерите, партнерите и ангажираните екипи. Посебна благодарност упатуваат до МВР за обезбедувањето и регулирањето на сообраќајот и до жителите на Центар за трпението и разбирањето за време на трката.
„CENTAR NIGHT RUN“ го организира „Прв до врв“, со поддршка на Општина Центар, со желба трката да прерасне во нова градска традиција“.












