Во рацете на најпознатото романско семејство Чаушеску била концентрирана огромна моќ, изградена врз тоталитарното владеење на Комунистичката партија и нејзините челници. Сепак, малкумина современици за падот на комунизмот во Романија ќе го обвинат нејзиниот лидер. Неоспорно е неверојатното влијание на Елена Чаушеску врз државната управа, партијата и Секуритате.
Како и во многу други источноевропски држави, познати по негувањето на „култот на личноста“, во романското општество се создавале огромни емоционални разлики, од апсолутно обожавање до длабок презир.
Ова се некои од најзначајните моменти од дваесет и петгодишното владеење на семејството Чаушеску!
Демографска експанзија – „Фетусот е сопственост на романскиот народ“
По природа мегаломан, Николае Чаушеску направил план за зголемување на романското население, според кој, до почетокот на третиот милениум, Романија требало да има 30 милиони жители. Својата кампања ја започнал во 1966 година со декрет за забрана на абортусот, зборувајќи дека „фетусот е сопственост на романскиот народ“ и дека луѓето без семејни амбиции се дезертери.

Веројатно овој несекојдневен чин би имал некакво оправдување доколку демографската експанзија била проследена со економски процут. Законот довел до драстично зголемување на наталитетот, но лошите материјални услови предизвикале слаба исхрана и несоодветна грижа за бремените жени. Смртноста кај новороденчињата достигнала неверојатни 8,3 промили, а секое десетто бебе било неухрането.
Со цел да го зголемат бројот на новороденчиња, властите се послужиле и со посурови методи. Контрацепцијата била забранета, абортусот станал кривично дело, а сексуалното образование било исфрлено од образовната програма. По налог на владејачката партија била формирана таканаречена „менструална полиција“, која еднаш на секои три месеци, предводена од медицински персонал, ги „контролирала“ работничките во големите индустриски комбинати.
Во домовите на Романците пристигнувале прашалници преку кои властите собирале податоци за сексуалната активност на граѓаните. Доколку прегледот утврдел дека двојката е репродуктивно способна, а истовремено има помалку од две деца, семејството морало да плаќа „данок на име на целибатот“.

Абортусите тогаш се изведувале нелегално, а партијата замижувала пред случаите што доаѓале од самиот врв на номенклатурата. Доколку жената се одлучела на абортус, цената на „третманот“ се движела од две до четири месечни плати. Оваа можност ја користеле двојките со повеќе од три деца, бидејќи ниските примања го правеле животот невозможен.
Не е тајна дека стотици илјади Романки самостојно се обидувале да ја прекинат бременоста, а многу од нив доживеале фатална судбина. Доколку им бил спасен животот, се соочувале со проблеми со дискриминација и екскомуникација, а некои биле прогласувани за „непријатели на народот“.
„Доколку абортусот се случел во округ во кој бројот на новороденчиња драстично опаднал, платата на локалниот лекарски тим се намалувала и до 15 отсто“, пишувал „Newsweek“ во 1990 година.

Семејна идила – најголемите проблеми ги создавале децата
Брачниот пар Чаушеску имал три деца, ќерката Зоја и синовите Валентин и Нику.
Валентин е најстариот, но неговото раѓање е проследено со контроверзии. Некои извори наведуваат дека бил посвоен. Во периодот на политичкиот подем на младата брачна двојка, тоа би било „благороден пример“ за сите млади Романци. Други, пак, тврдат дека Валентин е вонбрачен син на Елена Чаушеску, кого Николае го прифатил како свој.

Никогаш официјално не се занимавал со политика, а кариерата како физичар ја градел во Англија. Ја напуштил земјата по судирот со родителите околу склучувањето брак со ќерката на еден од партиските ривали на неговиот татко.
За разлика од него, Зоја и Нику им задавале многу поголеми проблеми!
Зоја речиси целото свое детство го поминала во илегала, за по полнолетството да ја согледа општествената реалност на својата земја, пружајќи огромен отпор кон родителите, но и кон целиот државен апарат. Се приклучила на една субверзивна младинска група, а нејзиниот избор на партнер ја доведувал Елена до лудило.

Имено, нејзината мајка им наредила на агентите на Секуритате да го следат секој нејзин чекор. Најголемата љубов на Зоја бил извесен Михаљ, млад човек со унгарско потекло. Во еден момент му се губи секоја трага, но во дневниците на Елена Чаушеску се споменува дека несреќниот човек „исчезнал“ за време на едно дипломатско патување на Блискиот Исток и дека „над него летаат муви во пустината“.
Зоја била извонреден математичар, но истовремено била приврзана кон алкохолот и другите пороци. Починала во 2006 година од рак.
Најпроблематичен бил Нику, најмладиот син, за кого се поврзуваат неверојатни скандали кои никако не му прилегаат на синот на „таткото на нацијата“. Бил алкохоличар и насилник, а по превратот бил обвинет за голем број разбојништва и силувања.
За неговата безбедност, исто така, се грижела Секуритате, а се верува дека го изгубил разумот по една непријатност, режирана од неговите родители.

„Младиот претседател на социјалистичката младина“ бил лудо вљубен во девојка по име Донка Мизел. Таа била неприфатлива за Елена, која одлучила по секоја цена да застане на патот на нивната врска. „Државниот врв“ во својата спална соба одлучил Донка да ја прекине бременоста и да „исчезне без трага“. Така Чаушескуови прекршиле еден од своите најрестриктивни закони.
Избезумениот Нику почнал да дивее по улиците на Букурешт. На мета на „развратниот“ претседателски син биле сите – девојки, угостители, а според некои извори и познати граѓани како Наѓа Команечи.
Набргу, против своја волја, Нику бил оженет со Полијана Кристеску, членка на партиската администрација. Еден офицер на Секуритате сведочи дека по потпишувањето на документот за склучување брак ѝ се обратил на сопругата, велејќи ѝ веднаш да оди кај Елена, бидејќи таа лично ја избрала, пренесе „BBC“.
Нику имал огромни проблеми со алкохолот, а починал во 1996 година во една виенска клиника.
Палатата на народот – симбол на мегаломанските амбиции
По земјотресот во 1977 година, Николае Чаушеску донел одлука за план за обнова на Букурешт. Импозантната палата била централниот дел на овој проект. Брачниот пар ја донел одлуката за изградба инспириран од архитектонските решенија на Пјонгјанг, со кои се запознале за време на една од дипломатските турнеи.
Свечениот почеток на градежните работи го означил брачниот пар Чаушеску со симболично вметнување на документот за изградба во еден од темелите на палатата.

Во заднината на проектот се наоѓала и тажната судбина на историските градби кои биле симбол на романската престолнина. Просторот бил расчистен со уривање на манастирот Вакарешти, зградата на Националниот архив и болницата Бранковенеск. Со земја биле срамнети околу четириесет стари занаетчиски работилници и мануфактури, но и објекти во кои живееле староседелците.
Постои податок дека околу 40.000 луѓе биле раселени од ова подрачје. Нивните нови домови не ги исполнувале ниту минималните услови за достоинствен живот во престолнината. Биле ангажирани неколку десетици илјади работници, а под принуда работеле и припадници на романската војска.

Според зборовите на работниците, се работело по 12 часа дневно, а доколку постигнатите резултати биле помали од планираните, работното време траело до длабоко во ноќта. Се работело во три смени, а поради замор или несреќи, животот го загубиле околу 1.200 луѓе. Постојат и податоци дека некои работници, под притисок на роковите за изградба, си го одзеле животот.
Вредноста на градбата во 1989 година била проценета на 1,75 милијарди долари, а веќе во 2006 година, според извештајот на ревизорската комисија, изнесувала три милијарди. Денес тоа е втората најголема административна зграда во светот (по Пентагон) и четвртата по површина меѓу сите досега изградени објекти.
Бруталниот крај на претседателскиот пар – последната смртна казна во Романија
Во декември 1989 година во земјата избиле масовни антикомунистички демонстрации. Протестите започнале во Темишвар и Брашов, а бранот незадоволство брзо се проширил и во главниот град. Во демонстрациите учествувале неколку стотици илјади граѓани, кои Чаушеску не успеал да ги смири дури ни со директно обраќање.

Полицијата почнала да го спроведува планот за евакуација, па брачниот пар итно бил пренесен со хеликоптер во местото Трговиште. Сепак, во виорот на превратот режимот паднал, а припадниците на органите на редот ги предале заробениците на воените сили.
На Божиќ, 25 декември 1989 година, по налог на Националниот фронт за спас, кој имал улога на привремена влада на Романија, бил свикан „вонреден суд“. Чаушескуови се соочиле со обвиненија за незаконско стекнување богатство и за геноцид врз сопствениот народ.
Николае во повеќе наврати ја негирал надлежноста на судот, тврдејќи дека сè уште е легален претседател на Романија. Брачниот пар бил осуден на смрт, а снимката од погубувањето веќе следниот ден го обиколила светот.

Самото судење било остро критикувано во земјата и надвор од неа. Тогашниот привремен претседател Јон Илиеску во 2009 година изјавил дека судењето било „прилично срамно, но и неопходно“.
Големото незадоволство на народот од владеењето на Чаушескуови ја втурнало земјата во анархија. Високите воени функционери од тоа време изјавувале дека Николае и Елена не би ја избегнале смртта во тие денови, бидејќи незадоволниот народ бил подготвен во секој момент да ги линчува.
Чинот на егзекуцијата бил извршен од војникот Јонел Боеру. За време на судскиот процес тој бил еден од стражарите и без двоумење ја прифатил наредбата да ја изврши судската пресуда. Во интервју што пред неколку години го дал за британскиот весник „The Guardian“, Боеру вака го сумирал крајот на револуцијата:

„Кога се враќавме од местото на судењето, хеликоптерот беше полн со обвинители, судии и високи офицери. Немаше место, па колегата мораше да седи врз труповите. Тој беше најмногу трауматизиран... Потоа сите сакаа да бидат на нашето место. Денес веќе никој не го сака тоа“, ја завршил Боеру својата исповед.
















