Министерството за здравство почнува со реализација на мерки од Реформската агенда за усогласување на домашното законодавство за дроги со европските стандарди и ќе воведе систем за рано предупредување за опасни супстанции.
Министерството за здравство спроведува две клучни мерки од Реформската агенда 2024–2027 година, кои се однесуваат на политиката за дроги и усогласувањето на домашното законодавство со прописите на Европската Унија, информира министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој соопшти дека денеска учествувал на координативен состанок за Реформската агенда, на кој биле разгледани активностите на Министерството во оваа област.
„Формирана е работна група за усогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со законодавството на ЕУ, а во тек е и склучување работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (ЕУДА)“, наведе Клековски.
Според него, Европската комисија го одобрила барањето за експертска мисија преку програмата ТАИЕКС, која ќе помогне во подготовката на Националната стратегија за дроги, усогласена со Стратегијата на ЕУ за дроги.
Мисијата ќе опфати и зајакнување на Националната опсерваторија за дроги, како и воспоставување систем за рано предупредување и известување кон ЕУДА.
Клековски посочи дека вториот чекор од Реформската агенда е предвиден за следната година и се однесува на усогласување на листата на психоактивни супстанции со европските стандарди, како и воведување законска дефиниција за „нова психоактивна супстанција“.
„Ова не се само административни обврски. Функционален систем за рано предупредување значи навреме да откриеме нови опасни супстанции и побрзо да реагираме за заштита на здравјето на граѓаните“, нагласи министерот.








