Во текстот се изнесуваат обвиненија кон Владата за улогата во дозволувањето на влез на Алта банка со сомнителен капитал во Македонија, за која се бара итна истрага за одговорните лица, меѓу кои Мицкоски, Славевски и Кочовска.
Во Владата се главните виновници кои дозволија „Алта банка“ да влезе во Македонија, со сомнителен капитал. СДСМ уште пред една година предупреди за „Алта банка“, дека е про-режимска банка создадена од криминалните кланови и перланица на пари на Вучиќ, истакна Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
Сега, додава таа, народот пати и не може да дојде до своите пари.
„А овие во владата лажат, си ја префрлаат одговорноста за да се спасат и пробуваат да го заташкаат скандалот. Трајко Славевски вели имало консултации, Кочовска вели немало и не била информирана. Штом зинат лажат.
Еве го записникот од седница на Владата од 23 септември 2025 година. На предлог на Кочовска Владата на Мицкоски носела Заклучоци за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции“.
Мицкоски и Славевски, оценува Кузеска, ја внесоа „Алта банка“ во Македонија, со, како што рече, сомнителен капитал, која сега е под стечеј, без лиценца и под истрага за криминал.
„Владата на Мицкоски, на истиот Давор Мацура му овозможила да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата. Внимавајте, акции од државни претпријатија се нудени во интерес на Мацура и Алта банка! Денеска луѓето не можат да си дојдат до своите пари. Редици, гужви, нервозни граѓани, неизвесност. За ова мора да има одговорност! Сега тие што ги носеа штетните одлуки, што овозможија влез на Алта банка најавуваат продажба на нов сопственик. Целта е да се заташка работата, да не се открие криминалот“.
Кузеска прашува, кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под и под сомнеж за потеклото на капиталот?
Власта, подвлече таа, врши притисок врз потенцијални купувачи, на една странска а од пред некој ден и на една домашна банка.
Побара, ОЈО да не чека и да не се правда дека има време.
„Нема време, се касни 11 месеци. Веднаш да отвори истрага и за Мицкоски, Славевски и за Кочовска. Да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка. Сите вмешани во скандалот со „Алта банка“ да одговараат“.












