Нов бран дојави за бомби предизвика безбедносни тревоги во европскиот воздушен сообраќај. Патнички авион на лет од Даблин кон Рим беше пренасочен кон француска воена база во придружба на воени авиони, а закани беа пријавени и на летови кон Италија, Австрија, Чешка и Бугарија.
Низа дојави за бомби во четвртокот предизвикаа безбедносни интервенции на повеќе европски летови, само два дена откако десетина авиони беа погодени од слични закани, наведува „Euronews“.
Еден од најсериозните инциденти се случи на лет на ирската авиокомпанија „Aer Lingus“ од Даблин кон Рим. Авионот „Airbus A320“ беше пренасочен кон француската воена воздухопловна база Евре, а француското воено воздухопловство испрати воени авиони да го придружуваат. Француските власти соопштија дека воените авиони биле испратени веднаш штом била примена информацијата за заканата.
„Авионот безбедно слета во Евре. Сите 151 патник и шесте членови на екипажот се на безбедно, а екипите за деактивирање експлозивни направи се на местото на настанот“, изјави францускиот премиер Себастиен Лекорни.
Од неговиот кабинет претходно соопштија дека ситуацијата се следи во реално време, во согласност со предвидените безбедносни процедури.

Италијански борбени авиони придружуваа патнички авион
Безбедносни тревоги беа регистрирани и во Италија. Според италијанските медиуми, дојавите за бомби се однесувале на два лета поврзани со Рим и Милано. Авионот што летал од Хелсинки кон италијанската престолнина безбедно слетал во придружба на италијански борбени авиони.
Сервисот за следење летови „Flightradar24“ објави дека во моментот на објавата ниту еден авион не полетувал од римскиот аеродром Фјумичино.
Причината за нарушувањето на сообраќајот тогаш сè уште не била позната, па не било потврдено дали тоа е директно поврзано со дојавите за бомби.

Закани и на летовите кон Прага и Виена
Чешката полиција соопшти дека биле примени дојави за бомби за четири авиони што летале кон Прага. Во моментот кога била објавена информацијата, надлежните служби се подготвувале за нивното слетување и за спроведување на безбедносните процедури.
Истовремено, закана била пријавена и на летот од Хелсинки кон Виена, кој го извршувала авиокомпанијата „Jettime“. Портпарол на финската авиокомпанија „Finnair“ потврди дека и покрај дојавата, авионот безбедно слетал во австриската престолнина, без инциденти.

Закани на три лета на „Ryanair“ кон Бугарија
Бугарските власти известија за дојави за бомби на три лета на „Ryanair“ што во четвртокот требало да слетаат во Софија.
Два авиона, кои полетале од Копенхаген и Мадрид, пристигнале на планираното одредиште. Третиот авион, кој летал од Лондон, бил пренасочен кон Пловдив, соопшти бугарското Министерство за транспорт.
Засега нема потврда дека на кој било од тие летови е пронајдена експлозивна направа.

Продолжува бранот лажни дојави
Новите закани следуваа по низата слични инциденти во вторникот, на 3 ноември, кога дојавите за бомби погодија десетина комерцијални летови низ Европа. Поради безбедносните тревоги накратко беше затворен еден аеродром во Варшава, додека во Италија беа ангажирани воени авиони.
Британската влада тогаш ги опиша инцидентите како „злонамерни лажни закани“.
Засега не е познато дали најновите дојави се поврзани со оние од почетокот на неделата, ниту кој стои зад нив.
Европските безбедносни служби продолжуваат да ги проверуваат заканите, а надлежните власти засега не известиле дека се пронајдени експлозивни направи на летовите погодени од најновите тревоги.
















