Во Перу уапсени тројца Европејци кои шверцувале над 3.000 тарантули скриени во валкани чорапи

Макфакс

06/11/2026

07:10

312

Големина на фонт

а а а

Во Перу беа уапсени тројца Европејци кои обиделе да шверцуваат над 3.000 тарантули скриени во валкани чорапи при обидот да ги пренесат во Германија. Тарантулите биле запленети на аеродромот во Лима, а според властите, вредноста на нелегалниот товар на пазарот би можела да достигне милиони евра.

Повеќе од 3.000 тарантули биле запленети на аеродромот во Лима, главниот град на Перу, при обид за нивно шверцување во Германија, соопштија перуанските власти.

Пајаците биле скриени во валкани чорапи распоредени во три куфери што ги носеле двајца германски и еден полски државјанин, соопшти Националната служба за шуми и диви животни на Перу (СЕРФОР).

Шверцот бил откриен при рутинска царинска контрола на меѓународниот аеродром „Хорхе Чавес“, откако службениците забележале необично движење во багажот.

„Забележавме дека некои од нив се движат. Имаше и мали и големи“, изјавила Кора Суарез, службеничка на СЕРФОР.

Според неа, една тарантула во Европа може да се продаде за околу 500 евра, што значи дека вредноста на запленетите пајаци на нелегалниот пазар би можела да достигне 1,5 милиони евра.

Тарантулите потекнувале од различни делови на Перу и биле во различни фази на развој, од јајца и штотуку изведени младенчиња до возрасни единки.

Тројцата осомничени биле уапсени, а властите најавија кривична постапка против нив.

Според Интерпол, нелегалната трговија со диви животни годишно носи околу 20 милијарди долари приходи на светско ниво.