Александар Николоски, заменик претседател на Владата, говореше на годишната конференција на Комората на вештаци за значајната улога на вештачењето во правосудството и нагласи дека потребата од стручно и независно вештачење постојано расте поради сложеноста на општествените и правните односи.
Улогата на вештачењето во правосудството
Вештачењето како дејност има значајна улога во функционирањето на правосудниот систем и остварувањето на правдата. Зад секоја правилно донесена судска одлука стои еден поширок процес на утврдување на фактите, анализа на доказите но и примена на стручни знаења од вештаците, затоа вашата работа има општествена и правна одговорност, се обрати заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на годишната конференција на Комората на вештаци.
Важноста на Комората на вештаци
“Вие сте навистина еден од оние сегменти во општеството и во државата кои можеби и не се толку видливи, но многу значат за функционирањето на државата и сакам да Ви оддадам признание и благодарност за сето она што го правите. Вештачењето претставува еден од значајните столбови на правосудниот систем, бидејќи овозможува овие сложени стручни, технички, економски, медицински и други прашања од животот да бидат разјаснети преку знаење, искуство, методологија и најважно професионална објективност. Тука Комората на вештаци има особено значајна улога во уредувањето, унапредувањето и афирмирањето на оваа професија. Нејзиното значење не треба да се гледа само низ институционално организирање, туку пред сѐ низ придонесот во градењето на професионални стандарди, стручност, интегритет и доверба” -се обрати Николоски.
Промени и предизвици за вештачењето
Тој додаде дека во ова време кога општеството и правните односи стануваат сѐ посложени, потребата од стручното и независно вештачење постојано расте.
“Кога народот сѐ повеќе бара да се спроведуваат законите, кога функционалната правна држава и владеењето на правото е нешто за што сѐ почесто се зборува, потребата од квалитетно, независно и стручно вештачење постојано расте. Затоа работата не е само професионална задача, туку и голема општествена и правна одговорност. Секој напишан збор значи, се мери и има свое влијание. Како што кажав, ние како Влада ги вложуваме сите напори кон воспоставување на функционален систем на владеење на правото како темел на демократската држава и тука ја имате целата наша поддршка. Независноста на судската власт треба да се разбира не како изолираност од другите институции, туку како гаранција за едно непристрасно и објективно одлучување” – додаде Николоски.
Тој на Комората им посака успешна работа и поголема посветеност и унапредување на професијата.












