Скандал околу Златната топка: Го погодиле точниот редослед на петтемина најдобри и заработиле 200.000 евра

Точка

04/11/2026

19:49

450

Големина на фонт

а а а

Француската полиција отвори истрага поради сомневања дека одредени обложувачи располагале со повластени информации за резултатите од гласањето за Златната топка, откако 12 сметки на платформата „Polymarket“ го погодиле точниот редослед на петтемина најдобри фудбалери во светот.

Според информациите од француската полиција, преку овие 12 сметки биле вложени вкупно околу 250.000 евра, а остварената заработка изнесувала речиси 200.000 евра.

Особено интересно е што обложувачите успеале да го погодат целиот пласман, од победникот Хари Кејн, преку Килијан Мбапе, Ламин Јамал и Родри, до Лионел Меси на петтото место.


Покрај неверојатната прецизност на прогнозите, на истражителите сомнителен им бил и начинот на кој сопствениците на сметките управувале со своите влогови, поради што се испитува можноста однапред да ги знаеле резултатите од гласањето.

Организаторот на изборот, магазинот „France Football“, бил предупреден за сомнителните активности уште пред официјалното прогласување на победникот, а по церемонијата отворил внатрешна истрага и ја контактирал француската полициска служба надлежна за игрите на среќа.


„Интегритетот на Златната топка е наш апсолутен приоритет. Потсетуваме дека победникот се избира со независно гласање. Обвинувањата за можно протекување на резултатите и измами при обложувањето ги сфаќаме многу сериозно“, соопштија организаторите.

Од „France Football“ најавија и поднесување официјална пријава до надлежните органи, за да се утврди кој евентуално имал пристап до доверливите податоци и дали тие биле искористени за незаконска заработка.


„Polymarket“ е платформа на која корисниците вложуваат пари во предвидување на исходите од различни настани, од спортски натпреварувања до политички избори. Ваквиот начин на обложување веќе предизвика бројни контроверзии поради недоволната регулаторна контрола и можноста за злоупотреба на повластени информации.

Засега нема докази дека самото гласање за Златната топка било нерегуларно, а истрагата е насочена кон можно протекување на резултатите пред нивното официјално објавување.