Округот Костволдс во Велика Британија стана место каде што се преселуваат бројни ѕвезди за да уживаат во мирот и природата. Откако по враќањето од САД во септември за локацијата се решиле Хари и Меган, изгледа дека и Сидни Свини „фрлила“ око на една од прекрасните куќи во малото село Литл Тју.
Како што пренесе „Сан“ актерката најпозната по улогата во серијата „Еуфорија“, наводно разгледувала имот во селото. Доколку се одлучи за купување и преселба ќе има добро познати соседи.

Покрај војводата и војвотката од Сасекс, таму се и Дејвид и Викторија Бекам со децата, како и познатата американска водителка Елен Деџенерис која со сопругата Портија де Роси таму се повлекла од јавниот живот.

Очигледно и на Свини (29) ѝ се допаѓа идејата за помирен живот, наспроти оној што го има во Лос Анџелес. Извори блиски до актерката изјавиле дека актерката им кажала на пријателите дека сака времето да го поминува во Британија и САД.
Веднаш се појавија и шпекулации дали тоа значи дека би можела да добие улога во новиот филм за Џејмс Бонд, бидејќи оваа локација би ѝ била погодна за снимањето.

*Костволдс
„Сидни го посетила Котсволдс двапати во последните десет месеци и е апсолутно воодушевена од местото. Во последните три месеци разгледувала недвижности таму. Не ѝ пречат локалните жители, кои се навикнати да гледаат познати личности, а селскиот живот ѝ изгледа неверојатно симпатичен и живописен. Тоа е и голема промена во темпото во споредба со Лос Анџелес и сите луѓе кои постојано се обидуваат да извлечат корист од познатите личности. Таму би можела да води помирен живот на село“, изјавил изворот.

Тој додал дека филмското студио во кое ќе се снима новиот филм за Џејмс Бонд е оддалечено само „околу еден час“, што значи дека, доколку ја добие улогата, лесно би можела да остане во својот дом за време на снимањето.

Доколку се пресели во Британија, тоа ќе го направи со нејзиното момче, Скутер Браун (45), со кого е во врска од минатата година откако го запознала на венчавката на сопственикот на „Амазон“, Џеф Безос. Исто така, изворите неодамна изјавиле дека парот е во сериозна врска и дека Браун можеби наскоро ќе ја запроси, како и дека размислуваат за деца.
Минатиот Божиќ, актерката го поминала во Костволдс од каде што објавила фотографии. Локалните жители наводно се воодушевени од идејата таа да се пресели таму.

„Кој не би сакал да види славна личност во своето село? Мислам дека би било прекрасно доколку преселбата се оствари. Изгледа како прекрасна жена“, изјавил еден од жителите.
Друг додал: „Не би ја обвинувал што сака да се пресели овде. Ова е прекрасен дел од светот, а со оглед на тоа што и многу други познати личности живеат во оваа област, таа ќе се чувствува како дома“.













