dm повторно го отвора еко-конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ – пријавете го вашиот двор за раззеленување!

Точка

04/11/2026

13:09

274

Големина на фонт

а а а

Со новата учебна година, dm drogerie markt повторно го отвора еко-конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“, повикувајќи ги градинките, основните и средните училишта низ земјата да станат дел од иницијативата за создавање позелени и поуредени воспитно-образовни простори. Проектот, кој компанијата го реализира во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), продолжува со нови можности за хортикултурно уредување на дворовите во кои децата и младите секојдневно учат, играат и се дружат.

Сите заинтересирани државни и општински основни и средни училишта, како и градинките, можат да го пријават својот двор преку формуларот на платформата „Заедно едни за други“. Ова е можност воспитно-образовните установи да добијат поддршка за раззеленување на своите надворешни простори и да придонесат за создавање попријатна средина за најмладите.

Конкурсот веќе има конкретни резултати зад себе. Во октомври 2026 година, во рамки на новата сезона беа засадени вкупно 264 садници во Битола, со што беа раззеленети дворовите на градинката „Вангел Мајорот“ и основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“. Овие активности се надоврзаа на претходните садења, проширувајќи го опфатот на иницијативата и во новата учебна година.

Проектот започна со првата фаза во октомври и ноември 2025 година, кога четири училишни двора добија повеќе од 500 нови садници. Во првите месеци од 2026 година следуваа активности во основните училишта „Маршал Тито“ во Банско, Струмица, и „Андреја Савевски – Ќикиш“ во Тетово, гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово и градинката „Детска радост“ во Гевгелија. Во април, проектот продолжи и во основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид и средното училиште „Коле Неделковски“ во Велес. Во овој циклус беа засадени повеќе од 380 садници, а со октомвриските активности во Битола, вкупниот број во рамки на досегашната иницијатива надминува 1.140 садници.


Покрај видливите промени во училишните и градинските дворови, важен дел од проектот е и неговата едукативна димензија. Преку конкретни активности, децата и учениците добиваат можност да ја согледаат важноста на зелените површини и да развиваат одговорен однос кон природата уште од најрана возраст.

Пристигнатите пријави ги разгледува стручен тим составен од претставници на dm drogerie markt и Македонското еколошко друштво (МЕД), кој ги избира проектите за реализација. На тој начин, установите имаат можност своите идеи за поубави и позелени дворови да ги претворат во конкретни активности.

Дали и вашата градинка или училиште има двор што заслужува повеќе зеленило? Пријавете се на конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ преку платформата „Заедно едни за други“ и станете дел од следните зелени приказни! Со оваа иницијатива, dm и МЕД продолжуваат да ја поттикнуваат грижата за животната средина преку вложување во простори што имаат посебно значење за идните генерации.