Трамп пронајде виновник за изборното фијаско – „Фокс Њуз“

Макфакс

04/11/2026

10:30

371

Големина на фонт

а а а

Доналд Трамп ја обвини конзервативната телевизиска мрежа „Фокс њуз“ за изборниот пораз на Републиканската партија на американските избори, изразувајќи незадоволство од присуството на опозициски гласови во програмата и најави политички промени по изборниот дебакл.

Доналд Трамп најде виновник за дебаклот на Републиканската партија на американските избори на средината од мандатот: конзервативната телевизиска мрежа „Фокс њуз“. Откако демократите ја презедоа контролата и врз Сенатот и врз Претставничкиот дом, американскиот претседател рано во средата наутро остро ја нападна телевизиската мрежа која до неодамна му беше омилена, обвинувајќи ја дека е директно одговорна за изборниот пораз бидејќи во својата програма често вклучува претставници на опозицијата.

„Бесни и вреска како лудак“

Трамп беше особено разбеснет од појавувањето на поранешниот градоначалник на Њујорк, Бил де Блазио, на оваа телевизија. „Зошто ’Фокс њуз‘ го држи Бил де Блазио – најлошиот градоначалник во историјата на Њујорк – во програмата, каде што бесни и вреска како лудак? Тој го напушти градот со срам, а штетата што ја предизвика е неизмерна – градот никогаш повеќе не беше ист – а сепак, сега тој ни кажува како да ја водиме Америка. ’Фокс њуз‘ сноси одговорност за овие порази бидејќи постојано и упорно ѝ дава простор на опозицијата – ’глупавите демократи‘ и уште полоши. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ АМЕРИКА! Претседателот ДОНАЛД Џ. ТРАМП“, напиша тој во гневна објава на социјалните мрежи.

Хаос во реакциите на Трамп по поразот

Овој напад врз „Фокс њуз“ дојде во време на низа целосно контрадикторни изјави од страна на Трамп, по изборните резултати во кои гласачите ги казнија републиканците поради порастот на трошоците за живот и војната со Иран. Во изборната ноќ, Трамп прво тврдеше дека тој „воопшто не бил на гласачкото ливче“ и дека, доколку бил, тие ќе победеле убедливо – иако во периодот пред гласањето ги повикуваше гласачите да се однесуваат како да гласаат за него – а потоа најави дека ќе стане „политички коментатор“, притоа упатувајќи закани кон демократите со тоа што покажа црвена капа на која пишуваше „ВЕТО“.

Ситуацијата е уште побизарна бидејќи, набргу по неговата гневна објава, самиот Трамп се појави токму на таа телевизиска мрежа „Фокс њуз“ – при што, изненадувачки, им честиташе на демократите за победата, велејќи дека „си ја завршиле работата добро“, додека истовремено тврдеше дека губењето на Конгресот нема никаква врска со него.

Но, додека Трамп по телевизиските студија трага по виновници, победничките Демократи најавија дека, штом ќе ја преземат контролата врз законодавниот дом, веднаш ќе започнат опсежни истраги за деловните зделки на неговото семејство и за улогата на Илон Маск – притоа советувајќи ѝ на Белата куќа навреме да „најде адвокати“.