Општина Неготино ќе одбележи три дена со разни културни, спортски и забавни активности денот на ослободувањето на градот, од 6 до 8 ноември.
Со низа активности кои ќе се одвиваат од петок до недела (6-8 ноември) општина Неготино ќе го одбележи најголемиот празник 8-ми ноември – Денот на ослободувањето на Неготино.
Настаните започнуваат во петок со доделување ваучери за новороденчиња, следува турнир во гол-бал и турнир во табла, а ќе се одржат и традиционалните улични трки за учениците од основните и средното училиште.
Во сабота ќе започне градското првенство во брзопотезен шах, во Музејот на градот ќе има изложба на ликовни уметници од општината, а во вечерните часови центарот на Неготино ќе го осветлат вечерните факели.
Централните настани ќе се одржат во недела на 8-ми ноември со прием во кабинетот на градоначалникот на општина Неготино и положување цвеќе на спомен бистите на паднатите борци во НОБ, по што следува одржувањето на свечената седница на Советот на општина Неготино во Центарот за култура од 11,00 часот.
Во склоп на празничната програма ќе се одржи и манифестацијата „Неготинско младо вино“ на старата градска чаршија со штандови на кои ќе бидат изложени и ќе можат да се дегустираат производи карактеристични за општината, а ќе има и богата забавно музичка програма.








