Холандската полиција распиша меѓународна потерница по 41-годишната Нинослава Јовиќ од Ниш, осомничена за помагање во еден од најголемите грабежи на накит во Европа.
Станува збор за спектакуларна кражба што се случила во 2022 година на престижниот саем на уметност и антиквитети „ТЕФАФ“ во Мастрихт, каде бил украден накит вреден околу 40 милиони евра. Истражителите се сомневаат дека зад грабежот стојат припадници на познатата криминална група „Пинк Пантер“.
Нинослава Јовиќ се наоѓа на списокот на најбараните бегалци во Европа, а нејзините фотографии и личниот опис се објавени на веб-страниците на холандската полиција и Европол, пренесе српски „Блиц“.
Според информациите на истражителите, осомничената би можела да се наоѓа во Србија, а последен пат била видена во Ниш. Полицијата не ја исклучува можноста таа да патува и во други држави.
Холандското обвинителство во покраината Лимбург понудило награда од 20.000 евра за информации што би довеле до апсење на осомничените.
Ја сомничат за помагање на позната криминална група
Според наводите на холандската полиција, Јовиќ не учествувала директно во кршењето на излозите и кражбата на скапоценостите, туку е осомничена дека им помагала на сторителите.
Таа е една од петте државјани на Србија кои холандските власти ги бараат во врска со грабежот. Покрај неа, на списокот се наоѓаат и Александар Цениќ (50), Александар Стојилковиќ (50), Душко Димитријевиќ (50) и Братислав Стојановиќ (41).

Истражителите се сомневаат дека четворицата мажи се поврзани со криминалната група „Пинк Пантер“, позната по организираните грабежи на луксузни златарници ширум светот.
Полицијата објавила и детален опис на Јовиќ со цел да го олесни нејзиното препознавање. Таа има кафеави очи, природно кафеава или русо бојадисана коса, како и две карактеристични тетоважи на подлактниците.
На десната рака го има истетовирано името „Селена“, а на левата зборот „Faith“, односно „Вера“.
Две мистериозни жени снимени по грабежот
Холандските истражители се обидуваат да ги идентификуваат и двете жени кои безбедносните камери ги снимиле по кражбата.
Според информациите на полицијата, тие се наоѓале во автомобил марка „Опел“, кој осомничените го користеле по грабежот.
Откако возилото било запрено во Белгија, завршило на паркингот на хотелот во Франкфурт, каде што камерите забележале две жени како излегуваат од автомобилот. Двете носеле фустани, а едната имала црвени сандали.
Полицијата нагласува дека засега не ги смета за осомничени за кражбата. Меѓутоа, сака да разговара со нив бидејќи е можно да располагаат со информации важни за истрагата и пронаоѓањето на бегалците.

Со чекани ги искршиле излозите и однеле дијамантски ѓердан вреден 27 милиони евра
Спектакуларниот грабеж се случил на 28 јуни 2022 година, на саемот „ТЕФАФ“ во холандскиот град Мастрихт, еден од најпознатите светски саеми за уметност и антиквитети.
Четворицата мажи влегле во саемот претставувајќи се како обични посетители. Се доближиле до изложбениот простор со скапоцен накит, а потоа одненадеж со чекани ги искршиле стаклените витрини и ги однеле скапоценостите.
Вредноста на украдениот накит е проценета на околу 40 милиони евра. Меѓу највредните предмети бил и ѓердан со жолт дијамант, вреден дури 27 милиони евра.
Дел од украдените скапоцености подоцна биле пронајдени во Хонгконг, Израел и Боцвана, но најголемиот дел и понатаму е предмет на истрага.
Освен награда од 20.000 евра за информации што би довеле до апсење на осомничените, осигурителната куќа понудила дури 600.000 евра за информации што би помогнале за пронаоѓањето на украдениот накит.
Холандската полиција и обвинителството ја продолжуваат истрагата и ги повикуваат граѓаните кои имаат корисни информации да стапат во контакт со надлежните служби.
















