[ФОТО/ВИДЕО] Скара од небо со поглед кон Кавказ: Во грузискиот град Сигнаги храната до масите ја доставуваат дронови

Точка

03/11/2026

14:37

614

Големина на фонт

а а а

На фестивалот на бербата во грузискиот град Сигнаги, шашликот им бил доставуван на посетителите со дронови, директно од скарата до нивните маси, а со месото се служеле вино, леб и традиционални слатки.

Виното, изобилството од храна, слатките и свежиот леб се вообичаен дел од секој традиционален годишен фестивал на бербата во Грузија, но оваа година Сигнаги им понудил на гостите и нешто необично. Како што пренесе „Ројтерс“, скарата, позната во овој дел од светот како шашлик, ја доставувале дронови. Готвачите го ставале печеното месо на леталата, кои потоа го пренесувале до масите, каде што гостите го дегустирале со поглед кон планинскиот венец Кавказ.

Фестивалот се одржал на 31 октомври во центарот на градот, а посетителите биле пречекани и со трпези полни со леб, зеленчук и вино, традиционална свадбена церемонија, песна и игра во народни носии.


Сигнаги се наоѓа во срцето на регионот Кахети, од каде што потекнуваат 70 до 80 отсто од вкупното производство на вино во Грузија. За локалните винари, фестивалот е уште една можност да ги претстават своите вина.


„Ова е одлично вино, многу живо, младо, полно со карактер и одлично избалансирано. Фестивалот е прекрасен, а и времето е убаво. Задоволен сум. Им посакувам среќа на сите винари и на целото грузиско винарство“, изјавил посетителот Ника Канделаки.

На штандовите се продавале и традиционалните грузиски слатки чурчхела. „Ги излупивме оревите, направивме татара и ја премачкавме чурчхелата“, рекла продавачката Ека, опишувајќи ја подготовката на овој специјалитет од ореви и згуснат сок од грозје.


Регионот Кахетија, кој Грузија го промовира како „лулка на виното“, привлекува и голем број странски туристи. Меѓу нив била и Саскија, која допатувала во Грузија од Нов Зеланд.

„Ова е прекрасен град. Неверојатен е, а фестивалот е поголем отколку што очекував. Пробавме толку многу одлична храна и вино. Луѓето се толку среќни. Воодушевени сме“, истакнала таа.