Гутереш предупредува: Трката меѓу САД и Кина во развојот на воена вештачка интелигенција може да доведе до катастрофа

Макфакс

02/11/2026

09:10

205

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш предупреди дека конкуренцијата меѓу Соединетите Американски Држави и Кина во развојот на оружје базирано на вештачка интелигенција (ВИ) може да има „апсолутно разорни последици“, поради што е потребно да се воспостават комуникациски канали меѓу големите сили за да се избегне глобална катастрофа.

Во интервју за шпанскиот весник „Паис“, во пресрет на крајот на неговиот десетгодишен мандат на чело на ОН, Гутереш нагласи дека е потребно да се воспостават меѓународни механизми за дијалог, соработка и следење на ризиците што ги претставува развојот на вештачката интелигенција.

„Најголемата опасност би била концентрацијата на капацитети во САД и Кина. Конкуренцијата, особено во областа на воените ресурси за развој на оружје базирано на вештачка интелигенција, може да има апсолутно разорни последици“, истакна Гутереш.

Тој потсети дека за време на Студената војна постоеле комуникациски канали меѓу Соединетите Американски Држави и Русија со цел да се спречат ситуации што би можеле да доведат до светска катастрофа, оценувајќи дека сличен пристап е неопходен и денес.

Гутереш истакна дека компаниите што развиваат производи базирани на вештачка интелигенција мора транспарентно да ги презентираат ризиците од нивните технологии, вклучително и нивното влијание врз животната средина.

Тој го издвои недостатокот на легитимитет и ефикасност на Советот за безбедност на ООН како една од најголемите фрустрации за време на неговиот мандат.

Според него, сегашниот состав на тоа тело не ја одразува реалноста на современиот свет, бидејќи земјите од Глобалниот Југ се недоволно застапени, додека Африка и Латинска Америка немаат постојани членови.

Тој, исто така, укажа на длабоките геополитички поделби што го оневозможуваат донесувањето клучни одлуки во врска со спречувањето и решавањето на конфликти.

„Две постојани членки на Советот за безбедност се вклучени во војни, што создава атмосфера на целосна неказнивост. Надворешното мешање во конфликтите е сè поизразено, а Судан е најочигледниот пример“, рече Гутереш.

Зборувајќи за својот наследник на функцијата генерален секретар на ООН, Гутереш не сакаше да коментира за тешкотиите во постигнувањето договор за неговиот наследник, со оглед на несогласувањата на петте постојани членки на Советот за безбедност на ООН кои имаат право на вето.

Сепак, тој рече дека би му било големо задоволство доколку жена за прв пат ја предводи светската организација.

„Би бил многу среќен доколку жените бидат на чело на најважните земји во светот, каде што, за жал, сè уште имаме речиси исклучиво мажи“, рече тој.

Гутереш, кој претходно беше премиер на Португалија и висок комесар на ОН за бегалци, рече дека сè уште не одлучил што ќе прави по напуштањето на функцијата, но дека нема намера да се пензионира од јавниот живот.