Ескалација на протестите во Тирана, демонстранти со качулки фрлаа камења кон полицијата

Макфакс

31/10/2026

17:10

187

Големина на фонт

а а а

Во Тирана избувнаа нови судири меѓу демонстранти и полиција за време на протестите организирани од студенти кои бараат оставка од премиерот Еди Рама. Насилството се зголеми поради незадоволството од корупцијата, здравствениот систем и политичките состојби во Албанија.

Нови судири меѓу демонстрантите и полицијата избувнаа денеска во Тирана, каде што група млади лица со качулки запалија канти за отпад и фрлаа камења кон полициските службеници пред Министерството за образование. Протестот е организиран од студенти кои бараат оставка од премиерот Еди Рама.

Протестот започнал мирно, со собир на неколку стотици граѓани пред Министерството за образование. Демонстрантите извикувале „Рама, поднеси оставка!“ и „Нема Албанија без млади!“.

Подоцна, неколку десетици лица со качулки запалиле канти за отпад, а потоа почнале да вадат камења од тротоарот и да ги фрлаат кон полицијата.

Во близина на Министерството биле распоредени голем број припадници на специјалните полициски единици, а на местото бил присутен и воден топ.

Протестите против владата на Албанија траат со месеци, а започнаа во мај поради спорен проект за изградба на туристички објекти на албанското крајбрежје, од кој корист би имал соработник на американскиот претседател Доналд Трамп. Незадоволството подоцна се прошири и поради обвинувањата за корупција, состојбите во здравствениот систем и недостигот од можности за младите.

Од средината на октомври протестите станале сè понасилни. Биле запалени или оштетени повеќе јавни објекти, меѓу кои министерства и судници, како и бројни продавници.

Албанскиот министер за внатрешни работи Ервин Демо вчера соопшти дека од почетокот на насилните судири биле повредени речиси 350 лица, меѓу кои околу 200 полицајци, 100 демонстранти и 40 минувачи. Според него, досега биле уапсени 269 малолетници.

Албанската влада во средата најавила построги казни за насилството за време на протестите, вклучително и парични казни што може да достигнат 5.500 евра.