Рускиот претседател Владимир Путин изрази, за време на состанокот во Шенжен, јасна желба да се стави крај на војната во Украина преку дипломатски средства, изјави денес американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека постои добра можност за постигнување договор.
„Имав билатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин, кој јасно ја изрази својата желба да се стави крај на војната меѓу Русија и Украина преку дипломатски средства“, рече Трамп.
Тој додаде дека се водат „многу добри разговори“ и дека верува дека има „многу добри шанси“ за постигнување договор.
Трамп потоа оцени дека војната, која започна со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, немаше да се случи ако тој не ги изгубеше претседателските избори во САД во 2020 година.
„Искрено, ако изборите не беа наместени и не требаше да чекам четири години, тоа никогаш немаше да се случи. Таа војна никогаш немаше да се случи. Путин го кажа тоа синоќа“, им рече Трамп на новинарите.
Американскиот претседател, исто така, тврдеше дека Путин му рекол за време на разговорот дека Русија немаше да започне инвазија на Украина доколку Трамп беше претседател на САД во тоа време.
„Таа војна никогаш немаше да се случи“, рече Трамп, додавајќи дека директно го прашал Путин дали би започнал воена операција доколку тој беше на чело на Соединетите Американски Држави во тоа време.
„Го прашав: „Дали би бил во војна доколку јас бев претседател?“ Тој одговори: „Не, тоа никогаш немаше да се случи“, рече Трамп.
Тој оцени дека војната сè уште не е завршена поради, како што рече, „огромната омраза“ меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин.
„Тоа е ниво на омраза што не се гледа често и што никогаш не е лесно“, рече Трамп.








