Канадската пејачка Селин Дион заработи 125,5 милиони долари од 16-те концерти одржани во септември и октомври во Париз.
Селин Дион продала вкупно 539.000 билети, со што нејзиното враќање на сцената, по дијагностицирањето на реткото невролошко заболување – синдром на вкочанета личност, оствари голем комерцијален успех, објави магазинот „Billboard“.
Првата серија концерти во салата „Plenitude Arena“, под наслов „Celine Dion Paris“, донесе просечен приход од 7,8 милиони долари по настап.

Иако заработката не беше доволна за да се најде меѓу 10-те најуспешни концертни резиденции на сите времиња, остварените резултати беа оценети како извонредни.
Просечниот приход по концерт бил повеќе од 10 пати поголем од заработката што Дион ја остварувала за време на претходните настапи во Лас Вегас, пред нејзините концерти да бидат прекинати.
Пејачката ја одржа последната турнеја во март 2020 година, кога концертите ги прекина поради пандемијата на коронавирусот.

Пред да успее да ги закаже новите настапи, Дион (58) соопшти дека ѝ бил дијагностициран синдром на вкочанета личност, ретко невролошко заболување што ѝ го отежнува пеењето и настапувањето.
„Долго време се соочувам со здравствени проблеми и ми беше многу тешко да ги прифатам овие предизвици и да зборувам за сè низ што поминувам“, изјави Дион во видеообраќање во декември 2022 година, потсетува американскиот магазин „Entertainment Weekly“.

Првиот дел од турнејата траеше од 12 септември до 17 октомври и опфати 16 распродадени концерти.
Вториот дел од турнејата ќе се одржи напролет следната година, во периодот од 8 до 29 мај, со уште десет закажани настапи.










