Скандал од епски размери: На познатиот фудбалер му се заканува затвор поради трговија со кокаин и перење пари

Точка

30/10/2026

20:06

377

Големина на фонт

а а а

Бриселското обвинителство побарало од кривичниот суд да го осуди фудбалерот Раџа Наинголан на две години затвор и парична казна од 105.000 евра поради перење пари во рамките на истрагата за меѓународна трговија со кокаин. За останатите 15 обвинети се предложени затворски казни во времетраење од една до 14 години.

Истрагата била отпочната во март 2023 година против група осомничена за увоз на големи количества кокаин од Јужна Америка преку пристаништето во Антверпен. По повеќемесечно следење и прислушување, полицијата во јануари 2025 година спровела голема акција и уапсила повеќе лица. Меѓу нив бил и Наинголан, кој една ноќ поминал во притвор.


Вниманието на истражителите го привлекле паричните трансакции, бидејќи фудбалерот во текот на неколку месеци примил повеќе од 100.000 евра од Наср-Един Секаки, помладиот брат на познатиот криминалец Ашраф Секаки. Наинголан потоа ги враќал парите на рати, уплаќајќи ги на сметката на мајката на Секаки.

Наинголан: Ги позајмив парите бидејќи сметките ми беа блокирани

Фудбалерот по апсењето објаснил дека ги позајмил парите за да го задржи дотогашниот животен стандард, бидејќи неговите сметки во Италија биле блокирани поради разводот.

„Немам долгови, но поради разводот од Клаудија ми беа блокирани сметките во Италија“, рекол Наинголан.

За време на сослушувањето изјавил и дека не знаел за криминалното минато на Секаки.


„Според мене, тој не беше лошо момче. Ми делуваше нормално и скромно, не можам да кажам ништо лошо за него. Никогаш не ми зборуваше за своето минато, а искрено, тоа воопшто не ме ни интересираше. Не знаев каква репутација има. Сè дознав од медиумите дури откако бев уапсен во овој случај“, порачал фудбалерот.

Обвинителството: Свесно перел пари

Обвинителството истакнува дека Наинголан, кој моментално настапува за белгискиот второлигаш Патро Ајсден Масмехелен, не учествувал директно во трговијата со дрога, ниту е осомничен за припадност на криминална организација. Сепак, сметаат дека тој свесно учествувал во перење пари, поради што бараат двегодишна затворска казна и парична казна од 105.000 евра.

Одбраната на поранешниот белгиски репрезентативец најавила дека ќе бара ослободителна пресуда, а своите аргументи ќе ги изнесе на 13 ноември.