Санчез: Довербата во брзите железници е нарушена по несреќата

Макфакс

30/10/2026

13:00

132

Големина на фонт

а а а

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека довербата во брзиот железнички систем е нарушена по сериозната железничка несреќа во Толедо. Владата мора да ги утврди причините за трагедијата и да спречи повторување на слични несреќи, додека опозицијата бара политичка одговорност од министерот за транспорт.

Шпанскиот премиер Педро Санчез денес изјави дека довербата на граѓаните во брзиот железнички систем е нарушена по сериозната железничка несреќа во покраината Толедо, и рече дека должност на владата е да ги утврди причините за трагедијата и да спречи повторување на слични несреќи.

„Довербата во брзиот железнички систем во нашата земја е нарушена. Задача на владата не е само да ги утврди причините за тоа што се случило, туку и да понуди решенија за да не се повтори трагедија од ваков размер“, рече Санчез по состанокот на Центарот за координација на вонредни ситуации (CECOPI) во Толедо.

Тој оцени дека е неприфатливо Шпанија, која има развиена мрежа на брзи железници, да доживее две несреќи со голем број жртви во истата година.

Санчез додаде дека меѓу жртвите може да бидат граѓани од дури 27 земји.

Претседателот на регионалната влада на Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, објави дека нивото на вонредна состојба е намалено од второ на прво ниво, што подразбира постепено повлекување на дел од спасувачките екипи и другите ангажирани служби.

Во спасувачката операција учествуваа повеќе од 1.300 припадници на различни служби.

Гарсија-Пахе предупреди дека бројот на жртви може да биде поголем, наведувајќи дека 70 лица се пријавени како исчезнати, како и дека се собрани 31 вреќа со делови од останките, што дополнително го комплицира процесот на идентификација.

Според најновите податоци, идентификувани се 13 мртви, додека семејствата на осум жртви се информирани за нивниот идентитет.

Во меѓувреме, опозициската Народна партија (ПП) побара утврдување на политичката одговорност на министерот за транспорт и одржлива мобилност, Оскар Пуенте.

Портпаролката на партијата, Естер Муњос, оцени дека министерот треба да поднесе оставка или да биде разрешен.