Славески: Самиот факт дека средства се префрлаат од една во друга земја не значи дека станува збор за сомнителна активност

Макфакс

30/10/2026

13:00

134

Големина на фонт

а а а

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изјави дека стабилноста на домашниот банкарски систем е неопходна и дека префрлувањата на средства помеѓу земјите не мора да значат сомнителни активности. Народната банка постојано ги следи банкарските трансфери и соработува со домашните и европските институции за да обезбеди законитост и безбедност во финансиските процеси.

Домашниот банкарски систем е стабилен и отпорен. Народната банка континуирано, на секојдневна основа, го следи работењето на банките, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици и презема соодветни мерки во рамките на своите надлежности кога за тоа има основа, истакнува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со актуелните медиумски наводи за прекугранични трансфери на средства.

Во однос на наводите за трансфер на средства од Србија кон странство, велат од Народната банка, Народната банка на Србија веќе излезе со официјално соопштение и не би коментиралe непроверени тврдења што се однесуваат на банкарскиот систем во друга земја.

„Одливите на капитал од одредена земја треба да се предмет на интерес на нејзините надлежни институции. Инвеститорите се одлучуваат за селење на финансискиот капитал од различни причини: потрага по повисоки приноси, поповолна инвестициска клима надвор од земјата, во периоди на неизвесност и слично“, велат од Народната банка.

„Во современата економија, во која земјите и финансиските пазари се тесно поврзани, прекуграничните финансиски текови се вообичаен дел од економските активности. Компаниите вршат плаќања кон странски добавувачи, банките извршуваат трансакции за своите клиенти, а инвеститорите вложуваат средства и на домашните и на странските пазари. И нашата земја има приливи и одливи на капитал, вклучително и преку портфолио-инвестициите во странство“, истакнува гувернерот Славески.

Тој нагласува дека самиот факт дека средства се префрлаат од една во друга земја не значи дека станува збор за сомнителна активност. За правилна оценка, вели тој, од суштинско значење се природата, основата и околностите на трансакциите, како и нивната усогласеност со законите и регулативата.

Од Народната банка велат дека квалитетот на супервизорската функција на Народната банка е потврден и со одлуката на Европската комисија од 2021 година, со која домашната регулаторна и супервизорска рамка за банките, во однос на соодветните европски прудентни барања, е оценета како еквивалентна на рамката на Европската Унија.

„Тоа е значајна потврда дека нашата регулатива и супервизија ги исполнуваат релевантните европски стандарди. Супервизијата ја вршиме преку континуирано вонтеренско следење и редовни теренски контроли на лице место. При супервизорските активности соработуваме со домашните институции и со странските супервизорски органи“, посочува гувернерот.

На крајот, гувернерот Славески упатува порака до граѓаните дека довербата во банкарскиот систем треба да се темели на проверени информации и факти.

„Народната банка континуирано ја следи состојбата и работи на зачувување на стабилноста на банкарскиот систем, којшто е еден од клучните столбови на економската стабилност на земјата“, порачува гувернерот Славески.

Андреј Жерновски, Секретар за меѓународна соработка и член на Извршниот одбор на СДСМ, на денешната прес-конференција побара итни одговори од премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот Трајко Славески и Обвинителството за информациите за трансфери на пари преку Алта банка од Србија во Македонија. Тој го отвори прашањето дали Скопје станува станица за натамошен трансфер на пари кон Москва.