Вечерва концерт на пијанистите Данијел Гашпаровиќ и Дино Имери во Салон 19:19

Макфакс

30/10/2026

12:10

258

Големина на фонт

а а а

Вечерва во Скопје ќе се одржи концерт со учество на двајца пијанисти со меѓународна репутација, Данијел Гашпаровиќ од Хрватска и скопскиот мајстор Дино Имери. Настапот се одржува во Салон 19:19 и вклучува изведба на дела од повеќе композитори како Бетовен, Мошковски и Равел. Концертот е дел од културната размена меѓу Македонија и Хрватска и е поддржан од Министерството за култура.

Вечерва со почеток во 20 часот во Салон 19:19 (Културно информативен центар – Скопје), скопската публика ќе има можност да присуствува на концерт во кој силите ги обединуваат Данијел Гашпаровиќ (Хрватска) и Дино Имери – двајца исклучителни пијанисти со меѓународно реноме. Уметниците ќе презентираат програма од Л. ван Бетовен, Б. Папандопуло, Д. Имери, М. Мошковски и М. Равел настапувајќи како четири-рачно дуо на едно пијано.

Овој настап во Скопје за Имери претставува враќање дома по исклучителните неодамнешни меѓународни успеси во Косово каде настапи со Оркестар Приштина и Маестра Дијана И. Илкоска каде изведоа дела од Моцарт, Веберн и Стравински на фантастичен прием од тамошната публика и критика, како и настапот во Германија со Вурт Филхармоникер – симфониски оркестар со светско реноме, заедно со нивниот шеф-диригент Маестро Клаудио Вандели каде во рамки на концертот “Традиција и Модерна” изведоа дури четири македонски дела од композиторите Дамир Имери, Дијана И. Илкоска и Глигор Смокварски, покрај делата на Равел. По стоечките овации, германската критика објави дека просведочила на “Вистински македонски чуда за ушите” (Андреас Дене од водечкиот регионален весник Хајлбронер Штиме), а од посебен значај е што овој оркестар ја изведе и светската премиера на делото “Рана” од Дијана И. Илкоска.

Нашиот “волшебник на пијаното” (ОПС Магазин, Франција) вечерва, пак, ќе ја оствари првата соработка со пијанистот Данијел Гашпаровиќ кој како солист и камерен музичар настапувал ширум цела Европа, а добитник е на бројни меѓународни награди и членувал во бројни престижни стручни комисии на меѓународни пијанистички натпревари. Гашпаровиќ е воедно извршен и уметнички директор на менаџерската куќа CristoforiumArt, а за време на својот престој во Скопје, во рамки на циклусот отворени предавања на Факултетот за музичка уметност, тој одржа бесплатно предавање на тема од огромен интерес за студентите и професионалните музичари: “Кариерен развој: музиката низ призмата на менаџерските куќи и организатори”. Со предавањето и вечерашниот концерт се заокружува уште едно успешно поглавје на полето на културната соработка и размена на идеи и искуства помеѓу Р. Хрватска и Северна Македонија, а концертот е поддржан од страна на Министерството за култура и туризам на РСМ.

Влезот на концертот е слободен, а повеќе информации за резервација на седишта публиката може да добие на официјалните страници на социјалните мрежи на пијанистот Дино Имери.