Ким Џонг-ун: Северна Кореја мора да покаже апсолутна супериорност кај беспилотните летала

Макфакс

30/10/2026

07:32

216

Големина на фонт

а а а

Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, нагласи дека земјата треба да покаже апсолутна супериорност во развојот на беспилотни летала, како дел од модернизацијата на своите вооружени сили преку нови технологии и вештачка интелигенција.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека Северна Кореја мора да демонстрира „апсолутна супериорност“ во технологијата за беспилотни летала. Тој го изјави ова за време на посетата на изложба и демонстрација на беспилотни воздухопловни технологии, објави денеска државната новинска агенција KCNA.

Демонстрација на воена технологија

Според KCNA, на демонстрацијата на огнена моќ биле прикажани тактички беспилотни летала, тактички крстосувачки ракети, повеќенаменски беспилотни летала, како и баталјон опремен со ракетни системи за повеќекратно лансирање со калибар од 600 мм.

Како што наведува Ројтерс, изложбата го истакнува настојувањето на Ким да ги модернизира вооружените сили на Северна Кореја преку употреба на беспилотни летала и вештачка интелигенција – напори кои се засноваат на поуките извлечени од учеството на севернокорејските сили во руската војна против Украина, како и во други глобални конфликти.

Јужнокорејската војска вчера соопшти дека Северна Кореја лансирала околу десет проектили, вклучително и балистички ракети со краток дострел.