Едноставната, но феноменална метропол салата некогаш била омилен специјалитет на трпезите ширум поранешна Југославија, а и денес е одлично решение кога не знаете што да подготвите за слави, празници и семејни собири.
Секако, нејзината тајна се крие во лесно достапните состојки кои, кога ќе се соединат, создаваат вкусна и заситувачка комбинација. Кремастата текстура на метропол салатата доаѓа од мешавината од павлака, мајонез и сенф, додека димените мисиркини гради ѝ даваат посебна арома. Вкусот дополнително го збогатува празот, кој ѝ го дава на оваа салата оној посебен шмек што ја издвојува од останатите.
Во секој случај, можете да ја послужите како ладно предјадење или како прилог со печено месо или скара.

Состојки:
✅5 компири со средна големина
✅3 моркови со средна големина
✅4 јајца
✅Половина праз
✅150 г димени мисиркини гради
✅180 мл кисела павлака (една чашка, по можност полномасна)
✅150 мл мајонез
✅1 лажичка сенф
✅Лук во прав по вкус
✅½ лажичка сол
✅½ лажичка сув зачин
Подготовка:
1. Излупете ги компирите и морковите, па ставете ги во тенџере со вода и варете ги додека да омекнат, но внимавајте да не се преварат. Пред крајот на варењето додајте малку сол, а потоа исцедете го зеленчукот и оставете го малку да се излади.
2. Потоа тврдо сварете ги јајцата. По варењето прелијте ги со ладна вода, почекајте неколку минути, па излупете ги и оставете ги да се изладат.
3. Добро измијте го празот, исчистете го и исечкајте го на тенки кругови. Малку посолете го и оставете го да отстои околу 15 минути за да омекне и да ослободи дел од својата арома.

4. Изладените компири, моркови, јајца и димени мисиркини гради исечкајте ги на ситни коцки, а потоа сите состојки префрлете ги во поголем сад и додајте го подготвениот праз.
5. Во посебен сад измешајте ги киселата павлака, мајонезот и сенфот, па додајте сол, сув зачин и лук во прав по вкус. Сè добро измешајте додека да добиете изедначен, кремаст прелив.
6. Подготвениот прелив истурете го врз зеленчукот, јајцата и мисиркините гради, па внимателно промешајте за сите состојки рамномерно да се соединат со преливот.
На крај, покријте ја салатата и оставете ја во фрижидер добро да се излади и вкусовите да се соединат.
Фото: Shutterstock, MarinaS Taste








