Сардинија воведува новина во 15 ресторани: Туристите ќе мора да променат една навика

Точка

29/10/2026

19:47

406

Големина на фонт

а а а

Во 15 ресторани на Сардинија започнува едномесечна пробна програма „Ручек без екрани“, чија цел е да ги поттикне семејните разговори и дружењето за време на оброците, без употреба на мобилни телефони.

Проектот го иницираа регионалната правобранителка за деца и адолесценти, Ана Кау и организацијата Фипе Конфкомерсио Сардинија. На семејствата ќе им бидат понудени друштвени игри, информативни материјали и водич за воспитување деца и адолесценти во дигиталната ера, пренесе порталот „Унионесарда“.

Програмата предвидува доброволен договор за оставање на мобилните телефони настрана за време на оброците, игри за децата додека ја чекаат храната и информативен леток со совети од педијатри. Телефоните на возрасните и децата се чуваат во чанти или во посебна кошница, а времето поминато на маса се користи за разговор за секојдневните случувања.


Итните телефонски повици се прават подалеку од масата, додека за евентуалните исклучоци семејството се договара однапред. Педијатарот Осама Ал Џамал, претседателот на Италијанската федерација на педијатри на Сардинија, предупредил дека ризиците поврзани со употребата на технологијата не зависат само од времето поминато пред екраните, туку и од видот на содржината. Меѓу проблемите што ги навел се несоницата, социјалната изолација и самоповредувањето.

Според податоците од водичот на Италијанската федерација на педијатри, 95 отсто од италијанските адолесценти редовно користат паметни телефони, повеќе од половина од нив ги држат вклучени 24 часа дневно, а 25 отсто покажуваат знаци на проблематична употреба.


Истовремено, 87 отсто од родителите изјавиле дека им се потребни повеќе информации за тоа како да управуваат со односот на нивните деца кон технологијата. Пробната програма првично била планирана за осум угостителски објекти, но подоцна била проширена на 15 ресторани во градови и помали населени места низ Сардинија.