Ормар кој бил запечатен речиси 2.000 години во Помпеја открива како живеел еден жител на овој римски град пред ерупцијата на Везув, од прибор за разубавување и парфеми до монети, садови и детски амајлии.
Помпеја била затрупана при ерупцијата на вулканот во 79 година. Археолозите реконструирале делови од дрвениот ормар врз основа на трагите пронајдени во куќа на улицата „Виа дел Абонданца“, една од најпрометните улици во античка Помпеја, се наведува во соопштението на археолошкиот парк.
„Не можеме со сигурност да утврдиме кој живеел во куќата, но овие фрагменти нè доближуваат до нивниот секојдневен живот“, изјавил директорот на паркот, Габриел Цухтригел, за Ројтерс.
Во ормарот бил пронајден и ѓердан составен од најмалку 24 ситни предмети изработени од коска, стаклена паста, теракота и планински кристал. На него биле прикажани боговите Бес и Меркур, но и минијатурни раце, стапала, шишарки и гроздови.

Ваквите ѓердани, познати како „крепундија“, традиционално им се подарувале на римските деца. Тие служеле како заштитни амајлии, но и како тропалки, чиј звук им помагал на возрасните да следат каде се наоѓаат децата. Понекогаш се чувале и во зрелата возраст како спомен од детството.
Во ормарот биле пронајдени и пинцета, мало стаклено шишенце за парфем или маст, кадилница, како и садови и тенџериња изработени од бронза, стакло и керамика. Оловните тегови во дрвена кутија укажуваат дека некој од жителите на куќата се занимавал со трговија. Во мал плетен сад биле пронајдени 38 бронзени монети.

Во куќата останале и пари и предмети со очигледна емоционална вредност. Ова укажува дека сопствениците по ерупцијата на Везув немале време да ги земат со себе.
„Помпеја не е само место на големи уметнички дела. Тоа е и место каде што најобичните предмети ѝ ја враќаат човечката димензија на историјата“, додал Цухтригел.

Куќата се наоѓа во централниот дел на Помпеја. Врз основа на натписите пронајдени во неа, се претпоставува дека била поврзана со маж по име Корнелиј Максимус. Нејзината фасада првпат била ископана во 1912 година, а некои од просториите зад неа археолозите ги истражиле дури сега, во рамките на поширок проект за реставрација.

Ископувањата покажале и дека некои проблеми од градскиот живот не се промениле многу во текот на два милениуми. Во амфора поставена на издигнато место за складирање биле пронајдени делови од скелети на два глувци.
Фото: Ројтерс















