Бесплатни прегледи за Светскиот ден на мозочниот удар на плоштад: Кај 50 отсто од прегледаните имало наод

Макфакс

29/10/2026

13:20

174

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство и директорот на Клиниката за неврологија денеска го одбележаа Светскиот ден на мозочниот удар со бесплатни превентивни прегледи на плоштадот во Скопје. Кај половина од прегледаните пациенти е откриен некаков здравствен наод, што ја нагласува важноста на навремена дијагноза и третман за успешна превенција и помош.

Министерот за здравство, Сашо Клековски, денеска се обрати на централното одбележување на Светскиот ден на мозочниот удар, во организација на Клиниката за неврологија, посветено на превенцијата, навременото препознавање на симптомите и унапредувањето на здравствената грижа за пациентите.

„При мозочен удар посебно значајни се превенцијата и навремениот третман, бидејќи времето за реагирање е неколку часа и за тоа се потребни достапна радиолошка дијагностика и можност за брзо почнување со терапија. Оваа акција за подигнување на свесноста и превенцијата е само еден чекор. Заедно со Клиниката за неврологија работиме и на унапредување на патеките на движење на пациентите со мозочен удар, со цел да спасиме што повеќе животи и да ја намалиме попреченоста. Истовремено, сакам да го изразам моето задоволство од успешната работа на Клиниката за неврологија, која успева да отвори теми многу значајни за нашето здравство, посочи министерот Клековски.

Тој појасни дека Клиниката за неврологија е една од најкомплексните клиники и потсети на процесот на децентрализација на терапијата за мултиплекс склероза, која почна во ГОБ „8 Септември“, Клиничката болница Штип и болницата во Охрид, а веќе се прават чекори за вклучување на болниците во Тетово, Прилеп и Струмица. Во наредните денови ќе има информации и за напредокот кај Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, во соработка со Универзитетскиот клинички центар Љубљана.

Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски, истакна дека акциите се реализираа во повеќе градови во државата и постигната е целта на настанот.

„Во рамки на акцијата за бесплатни превентивни прегледи на плоштадот во Скопје беа прегледани 147 граѓани и направени 160 доплер-прегледи, при што еден пациент е хоспитализиран поради значаен наод. Кај околу 50 отсто од прегледаните имаше некаков наод, а околу 30 отсто ќе ги повикаме на дополнителни испитувања на Клиниката за неврологија. Секоја минута е важна, времето е мозок – навременото препознавање на симптомите прави разлика меѓу животот и смртта, меѓу попреченоста и физичката и психичката благосостојба. Подеднакво е важна соодветната превенција, затоа што во 90 отсто од случаите мозочниот удар може да се спречи, истакна д-р Божиновски.