Во подножјето на австриските Алпи, последната целосно интегрирана европска фабрика за пеницилин се соочува со неизвесна иднина.
Погонот на компанијата „Сандоз“ во Кундл, единствениот во Европа што го произведува овој клучен антибиотик од почеток до крај, вклучувајќи ги и активните супстанции, се бори за опстанок под притисок на драстично поевтината кинеска конкуренција.
Иако ниските цени им одат во прилог на европските здравствени системи, кои настојуваат да ги намалат трошоците, тие претставуваат егзистенцијална закана за фабриката со повеќе од 2.000 вработени. Откако голем број конкуренти веќе го затвориле или го преселиле своето производство во Кина, фабриката во Кундл стана централна точка на дебатата за стратешката самостојност на европскиот континент.

Само три години по проширувањето на капацитетите во вредност од 200 милиони евра, во кое биле вложени и 50 милиони евра јавни средства (со дополнително одобрени 28,3 милиони евра од Европската комисија во 2023 година за зголемување на капацитетите за 20 отсто), „Сандоз“ поднел жалба до Европската комисија, барајќи анти-дампинг истрага против Пекинг. Доколку оваа фабрика се затвори, Европа би станала „целосно зависна“ од Кина, предупредила директорката на погонот, Штефани Једнер.
Податоците на „Евростат“ покажуваат дека уделот на Кина во увозот на пеницилин и неговите деривати во ЕУ скокнал од 44 отсто во 2019 година на дури 86 отсто минатата година. Од друга страна, европскиот извоз на овие лекови денес изнесува едвај една петтина од нивото на почетокот на 2000-тите години. Се проценува дека до 90 отсто од активните супстанции за антибиотици на глобално ниво денес се произведуваат надвор од Европа, главно во Кина или во Индија, каде што се користат кинески суровини.

Оваа зависност создава сериозен геополитички и безбедносен ризик. Во документ доставен до британските законодавци, „Сандоз“ навел дека снабдувањето со антибиотици во периоди на дипломатски тензии лесно би можело да стане средство за економска принуда или хибридно војување. Кинескиот економист Даокуи Ли уште за време на пандемијата навестил дека активните супстанции би можеле да се користат како адут во трговските спорови, додека неименуван американски функционер во Кина потврдил дека кинеските колеги споменувале прекин на извозот како можна одмаздничка мерка.
Покрај ниските цени на кинеските суровини, кои на европскиот пазар наводно се продаваат под производната цена благодарение на субвенциите, проблем за „Сандоз“ претставуваат и внатрешните европски услови. Цените на електричната енергија во Европа за енергетски интензивните индустрии во 2025 година во просек биле речиси 50 отсто повисоки отколку во Кина. Погонот во Кундл, кој „Сандоз“ го дели со компаниите „Новартис“ и „БАСФ“, троши електрична енергија колку блискиот град Инсбрук, кој има повеќе од 130.000 жители.

Дополнителна пречка претставуваат и јавните набавки во земјите на ЕУ, каде што договорите се доделуваат исклучиво врз основа на најниската цена, наместо да се води сметка за зачувување на разновидноста на синџирите на снабдување. Поради тоа, цените на пеницилинот во Европа останале непроменети или дури се намалувале.
Европската комисија наскоро би можела да започне анти-дампинг истрага за увозот на амоксицилин, а извори запознаени со ситуацијата оценуваат дека воведувањето царини е многу веројатно, со оглед на сè поостриот став на Брисел кон Пекинг. Од друга страна, кинеските власти тврдат дека нивните субвенции се во согласност со правилата на Светската трговска организација, обвинувајќи ги другите за протекционизам и порачувајќи дека несогласувањата можат да се решат преку дијалог.

Извршниот директор на „Сандоз“, Ричард Сејнор, ја нагласил апсурдноста на ситуацијата во која лековите што спасуваат животи чинат помалку од секојдневните слатки производи.
„Ме фрустрира тоа што пакување антибиотици продаваме по пониска цена од пакување бонбони „Рикола“ во Швајцарија или чоколадо „Марс“ во Велика Британија. Многу работи ги земаме здраво за готово – и продолжуваме да го правиме тоа сè додека еден ден не останеме без нив“, нагласил тој, пишува „Ројтерс“.
Фото: Ројтерс
















