По светската премиера на Шангајскиот интернационален филмски фестивал и македонската премиера на „МакеДокс“, долгометражниот документарен филм „Руини“, во режија и по сценарио на Елена Чемерска, од 29 октомври ќе се прикажува во киното Синеплекс.
Филмот ќе се прикажува секој ден со почеток во 20:00 часот, а во недела ќе има две проекции, во 16:00 и во 20:00 часот.
„Руини“ е интимен документарен филм за личната и колективната меморија, загубата и наследството, во кој процесот на ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани се претвора во патување низ сеќавањето и времето.

Враќајќи се во Северна Македонија за да го започне процесот на ревитализација на споменикот создаден од нејзиниот покоен татко, уметникот Глигор Чемерски, и од архитектот Радован Раѓеновиќ, Чемерска ги испреплетува архивските снимки и личните сеќавања со сегашноста на споменикот. Преку оваа лична приказна филмот ги отвора прашањата за загубата, наследството и исчезнувањето на некогаш споделениот општествен идеализам.

Филмот произлегува од долгогодишниот проект „Татковина: Споменик на слободата“, инициран од Чемерска во 2017 година, кој кулминираше со целосната реставрација на споменикот и неговите мозаици во 2024 година.
Светската премиера на „Руини“ се одржа на 14 јуни 2026 година, во натпреварувачката документарна програма на 28. Шангајски интернационален филмски фестивал.

„Руини“ е во продукција на Cinema Futura и Minimal Collective од Северна Македонија, во копродукција со Restart од Хрватска и POTEM од Словенија.
Не пропуштајте ја можноста да го погледнете филмот на големото платно и да се впуштите во филмско патување.







