Крмов: ЕВН легално ги краде граѓаните со сметките за струја под капата на министерката Божиновска – го социјализирате трошокот и штетата, а го приватизирате профитот

Макфакс

27/10/2026

10:10

246

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Борислав Крмов го критикуваше Министерството за енергетика и појасни дека ЕВН легално им нанесува штета на граѓаните преку високите сметки за струја, истовремено социјализирајќи го трошокот и штетата додека профитот е приватизиран.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, на денешната интерпелација за министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, посочи дека граѓаните се соочуваат со нов ценовен удар во енергетиката, додека институциите под надлежност на Министерството продолжуваат да функционираат со сериозни проблеми.

Крмов посочи дека МЕПСО побарал зголемување на тарифата за пренос на електрична енергија од речиси 100 проценти, односно околу 97-98,5 проценти.

„Во ек на грејна сезона МЕПСО бара практично 100 проценти зголемување на тарифата“, истакна Крмов, посочувајќи дека ваквото зголемување доаѓа во услови кога граѓаните веќе се соочуваат со повисоки трошоци за енергија.

Крмов ја отвори и темата за состојбата во МЕПСО, повикувајќи се на извештајот на Државниот завод за ревизија. Според податоците што ги изнесе, од 112 далекуводи, за 59 не биле решени имотно-правните односи, додека сличен проблем постоел и кај 33 трафостаници. Дополнително, тој посочи на сериозни доцнења кај капиталните инвестиции и кредити за кои државата плаќа трошоци иако средствата не се повлечени.

„За неповлечени средства се платени речиси 9 милиони евра провизии“, посочи Крмов, нагласувајќи дека станува збор за пари кои граѓаните ги плаќаат, а за кои не добиваат соодветна инфраструктура.

Во своето обраќање Крмов ја критикуваше и состојбата со контролата на броилата на ЕВН. Тој посочи дека Бирото за метрологија е единствената државна институција надлежна за проверка и верификација на точноста на броилата, но дека опремата набавена за оваа намена во 2018 година, според неговите информации, сè уште не е ставена во функција.

Според Крмов, без соодветна контрола на броилата и софтверскиот дел од системот, граѓаните остануваат без реална државна заштита кога ќе добијат спорна сметка за електрична енергија.

Пратеникот се осврна и на политиката на отворање нови рудници, посочувајќи дека економскиот бенефит за државата е минимален во однос на потенцијалната штета. Тој посочи дека петте најголеми рудници носат околу 90 проценти од приходите во рударскиот сектор, односно околу 265 милиони евра, додека државата од нив добива само 4-5 проценти, плус данокот на добивка – вкупно околу 14-15 милиони евра годишно.

Крмов посочи дека дури и доколку со отворањето на сите планирани рудници во Југоистокот државата обезбеди дополнителни 15-20 милиони евра од концесии, тоа е минорна сума за буџетот наспроти уништувањето на најплодните почви во регионот, каде живеат околу 150.000 граѓани и кој претставува една од главните хранилки на Македонија. Дополнително, според постојното законско решение, инвеститорот обезбедува само една третина од средствата за санација, додека две третини од штетата паѓаат на државата.

„Вие го социјализирате трошокот, ја социјализирате штетата, ја делите на сите, додека го приватизирате профитот“, порача Крмов.

Според него, токму ова е суштината на политиката што ја спроведува власта – јавниот трошок и штетата да ги плаќаат сите граѓани, додека профитот од природните богатства да завршува кај приватниот капитал.

На крајот од своето обраќање, Крмов порача дека за ваквата политика министерката треба да понесе политичка одговорност и да си поднесе оставка.