ДОМ: Знае ли Владата што значат стотици мегавати за енергетскиот систем?

Макфакс

27/10/2026

09:31

271

Големина на фонт

а а а

Премиерот и владата планираат изградба на дата-центри со големи моќности што би имале значителен товар врз македонскиот енергетски систем. ДОМ поставува прашања за капацитетите, потребите од енергија и ресурсите кои ќе бидат вклучени во процесот, барајќи јасни критериуми и пресметки од владата пред да напредува со плановите.

„Најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата нема да се повлече од плановите за изградба на дата-центри и дека Македонија треба да фати чекор со технолошкиот развој отвораат сериозни прашања. Колку големи дата-центри планира Владата и колкав товар тие би претставувале за македонскиот енергетски систем“, прашува ДОМ.

„Со развојот на вештачката интелигенција, во светот се развиваат хипер-дата центри со моќности од стотици мегавати, а најголемите проекти надминуваат и 1000 MW.

Владата досега зборува за преговори со 5–6 потенцијални инвеститори и за создавање центар за ваков тип индустрија. Тоа не значи дека се најавени пет дата-центри со вкупна моќност од 500 MW. Но, токму затоа јавноста мора да знае за какви капацитети се разговара, колкава би била нивната моќност и какви потреби би имале од електрична енергија, мрежна инфраструктура и вода.

Што би значеле, на пример, 500 MW за Македонија?
За да се илустрира размерот, доколку хипотетички дата-центрите би имале вкупна моќност од 500 MW и би работеле континуирано, нивната годишна потрошувачка би била околу 4,38 TWh електрична енергија.

За споредба, во развојниот извештај на МЕПСО прогнозата за финална потрошувачка на електрична енергија во Македонија за 2025 година изнесува 8,1 TWh. Тоа значи дека таков хипотетички вкупен капацитет би потрошил количина еднаква на повеќе од половина од целата национална потрошувачка.

Кога власта зборува за создавање центар за ваков тип индустрија, овие прашања не можат да бидат оставени за подоцна.
Кога премиерот вели дека овој процес е „неповратен“, ДОМ прашува: каде се пресметките за ресурсите? Кој ќе ја плати цената и што останува за останатите корисници на системот?

ДОМ не бара Македонија да го запре технолошкиот развој, туку државата прво да знае што презема, пред да прогласува процеси за неповратни. Затоа, пред секој чекор мора да има јасни критериуми за моќноста, водните потреби и распределбата на трошоците.

Капацитетите на датa-центрите не се само бројка. Тие претставуваат товар што мора однапред да биде пресметан“, се наведува во соопштението на ДОМ.