Кремљ: Нема договор за учество на Европа во мировните преговори за Украина

Макфакс

16/11/2026

19:20

236

Големина на фонт

а а а

Русија не се согласи европските претставници да учествуваат во следната рунда мировни преговори за Украина, соопшти советникот на Кремљ. Според најавите на американските преговарачи, Европа требаше да биде вклучена, но Русија бара повеќе јасни сигнали за конструктивен придонес.

Русија сè уште не се согласила европски претставници да учествуваат во следната рунда мировни преговори за Украина, изјави денеска советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, демантирајќи ги најавите на американските претговарачи.

Руски, украински и американски претставници минатата недела одржаа разговори во Абу Даби, први по девет месеци. Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер потоа се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, по што најавија дека Европа ќе учествува во следната рунда преговори.

„Во моментов се разговара за одржување на следната рунда преговори во трилатерален формат. Датумот сè уште не е утврден, а што се однесува до проширувањето на форматот, за тоа со нас не е постигнат никаков договор“, изјави Ушаков.

Тој додаде дека пред евентуалното вклучување на европските претставници можеби ќе бидат потребни уште една или повеќе рунди трилатерални разговори. Според него, Русија треба да добие јасен сигнал од Европејците за тоа каков конструктивен придонес можат да дадат во решавањето на конфликтот.

Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во петокот изјави дека лидерите на ЕУ се договориле во европскиот тим за мировни преговори да бидат вклучени претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Полска, како и на институциите на ЕУ.