Средба на Хоџа со претставници на МАТТО: Зелените инвестиции се основа за одржлив развој

Макфакс

21/10/2026

15:30

270

Големина на фонт

а а а

Муамет Хоџа, министерот за животна средина и просторно планирање, оствари средба со претставници на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО) каде се разговараше за соработка во зелената транзиција, инвестиции во зелени технологии и подобрување на деловното окружување како дел од националните климатски иницијативи.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари средба со претставници на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО), на која се разговараше за можностите за соработка во зелената транзиција, поттикнувањето инвестиции во зелени технологии и подобрувањето на деловното окружување.

На средбата беше истакнато дека зелената транзиција не е само еколошка обврска, туку и развојна можност за отворање нови инвестиции, зголемување на конкурентноста на компаниите, јакнење на енергетската независност и создавање одржливи работни места.

„Турските компании и стопанственици се значаен дел од деловната заедница. Сакаме нивното знаење, искуство и капитал да бидат дел од процесите на модернизација и зелена трансформација на нашата економија. За тоа ни се потребни отворен дијалог, партнерство и предвидливи услови за инвестирање“, истакна Хоџа. Според министерот, целта е да се изгради систем во кој заштитата на животната средина и економскиот развој се надополнуваат и во таа насока изрази подготвеност за разговор за конкретни инвестициски иницијативи.

Во фокусот на разговорите беа инвестициите во обновливи извори на енергија, енергетската ефикасност, управувањето со отпадот, рециклирањето, циркуларната економија и развојот на зелени технологии. Посебно внимание беше посветено на можностите за вклучување на приватниот сектор во реализацијата на националните и европските цели за климатска акција и заштита на животната средина.

Соговорниците ја истакнаа важноста од продолжување на дијалогот меѓу институциите и бизнис-заедницата, како и од организирање заеднички активности и деловни форуми посветени на зелената економија.