Прирачникот им нуди на наставниците практични вежби и прашања за дискусија за тоа како учениците да ги оценуваат информациите што ги добиваат од системите со вештачка интелигенција.
УНЕСКО на 10 ноември објави нов образовен водич што им помага на наставниците да ги научат учениците како критички да ги проверуваат одговорите од вештачката интелигенција. Прирачникот „AI Answers. You Decide“ е наменет и за институциите што обучуваат наставници и за авторите на наставни програми.
Материјалот е поделен во пет области. Опфаќа како вештачката интелигенција се користи во секојдневието и во медиумите, како да се оценат информациите што ги создава и како алгоритамските пристрасности можат да влијаат врз правата и еднаквоста. За секоја област има примери, прашања за дискусија и активности што може да се приспособат на наставата.

Сала во седиштето на УНЕСКО во Париз, архивска фотографија · Фото: John Cummings / Wikimedia Commons · CC BY-SA 4.0
Новиот водич на УНЕСКО се надоврзува на програмата за медиумска и информациска писменост од 2021 година, која, според организацијата, била пилотирана и приспособена во повеќе од 40 земји. Во подготовката на прирачникот учествувале осум меѓународни експерти, а го рецензирале уште десет стручњаци.
Кавер · Barry Lewis / Wikimedia Commons · CC BY 2.0












