Добар ден, молам, повели, благодарам. Уште како деца ги научивме овие зборови како основа на пристојната комуникација, а денес, како возрасни луѓе кои патуваат, се трудиме да ги научиме и на јазиците на земјите што ги посетуваме како гости. „Ве молам, едно печиво“. „Можете ли, ве молам, да ми кажете каде се наоѓа главниот плоштад?“.
Ова се вообичаени реченици што ги користиме на патувањата, но во нордиските земји туристите често остануваат збунети. Во јазиците што се зборуваат во Данска, Финска, Шведска, Норвешка и Исланд, зборот „молам“ едноставно не се користи на истиот начин на кој сме навикнати ние или на кој ширум светот се користи англискиот збор „please“.

Во данскиот, шведскиот, норвешкиот, исландскиот и финскиот јазик не постои еден универзален збор што се користи како нашето „молам“
Во нордиските земји правилата на убаво однесување малку се разликуваат од оние на кои сме навикнати. Во овие јазици не постои еден универзален збор што во секојдневниот говор се користи на ист начин како англиското „please“ и нашето „молам“. Во овие пет земји луѓето често не користат зборови што ние ги сметаме за основа на пристојната комуникација, а она што нам би можело да нѝ звучи грубо и студено, таму всушност е сосема нормално. Освен тоа, претераната љубезност во одредени ситуации може дури и да предизвика недоверба и да ги иритира луѓето.
Тоа, секако, не значи дека не постојат начини за изразување молба. Данците, на пример, го користат изразот „må jeg bede om“, односно „можам ли да замолам за“, Швеѓаните често го додаваат зборот „tack“, што значи „благодарам“, додека Норвежаните ја изразуваат љубезноста преку тонот на гласот и насмевката. Во Исланд постои и зборот „vinsamlegast“, што значи „молам“, но звучи прилично формално и ретко се користи во секојдневните разговори.
Како што за „Би-би-си Травел“ објаснил лингвистот Џејмс Пуховски од Норвешкиот музеј на писмената култура, проблемот всушност лежи во тоа што се обидуваме љубезноста да ја преведеме буквално. Меѓутоа, таа не се однесува само на зборовите што ги изговараме, туку и на начинот на кој ги користиме.
Зошто нордијците не ја сакаат претераната љубезност? Одговорот се крие во нивното сфаќање на еднаквоста
Во нордиските општества, еднаквоста е длабоко вкоренета вредност. Разликите во општествениот статус не се нагласуваат како во некои други култури, а формалното обраќање со титули како „господин“ и „госпоѓа“ во голема мера исчезнало од секојдневната комуникација.

Затоа, љубезноста не мора да се изразува преку претерана почит или понизност. Поважно е човек да биде јасен, искрен и да се однесува кон соговорникот како кон рамноправна личност.
Професорката по дански јазик, Даниела Хумелгрен, за „Би-би-си“ истакнала дека во Данска се цени ефикасноста и дека комуникацијата главно е многу директна. Непотребното заобиколување на темата и претераната љубезност можат да се доживеат како губење време.
„Претераната љубезност може дури и да се доживее како иритантна ако непотребно забавува некој процес“, истакнала таа.
Скандинавците имаат и непишано правило: Не мисли дека си подобар од другите
Ваквиот однос кон луѓето се поврзува со еден од најинтересните феномени на скандинавската култура, таканаречениот Јантеов закон или „Јантелаген“ (Jantelagen). Неговото најпознато начело гласи: „Не мисли дека си нешто посебно“.
Идејата е едноставна. Никој не треба да се смета себеси за поважен, попаметен или подобар од другите.
Изразот потекнува од сатиричниот роман на данско-норвешкиот писател Аксел Сандемосе од 1933 година. Иако авторот преку него го критикувал притисокот што заедницата го врши врз поединецот, Јантеовиот закон со текот на времето станал симбол на скандинавската скромност и еднаквост.

Во статија на „Би-би-си“ за шведската култура се опишува колку Швеѓаните не сакаат да ги истакнуваат сопствените достигнувања и колку фалењето со сопствените успеси може да им биде непријатно.
Во такво општество не е невообичаено луѓето да си се обраќаат едни на други без формалности, дури и кога потекнуваат од сосема различни општествени слоеви.
Во Финска молчењето е знак на почит, а не на непристојност
Уште понеобичен пример доаѓа од Финска, земја во која молчењето речиси станало национална особина. Додека многу Европејци чувствуваат потреба да ја пополнат секоја непријатна тишина со разговор за времето, работата или секојдневните ситници, Финците често не гледаат никаква смисла во тоа, а необврзните разговори не им се својствени ниту на Швеѓаните.

Во статија на „Би-би-си“ за финската култура на комуникација се опишува како тамошните деца на часовите по англиски јазик го вежбаат таканаречениот „small talk“, односно необврзниот разговор. На некои им е необично да разговараат со потполно непозната личност само за да ја избегнат тишината.
И што е уште поинтересно, ако прашате Финец како е, немојте да се изненадите ако добиете искрен и детален одговор. За разлика од културите во кои ова прашање претставува само вообичаен поздрав, во Финска тоа може да се сфати како вистински интерес за нечиј живот.
Како да се однесувате како турист? Едноставно, набљудувајте ги луѓето околу вас
Што значи сето ова за патниците кои планираат да ги посетат Копенхаген, Стокхолм, Осло, Рејкјавик или Хелсинки?
Всушност, не мора да учите комплицирани правила. Доволно е да набљудувате како локалните жители комуницираат меѓу себе, да го приспособите тонот на разговорот и да не се грижите премногу ако не сте го изговорие секој збор што би го употребиле дома.
Зборот „благодарам“ секогаш е добар почеток. Во Данска се вели „tak“, во Шведска „tack“, во Норвешка и Исланд „takk“, а во Финска „kiitos“.












