Стојко Рамов избран за претседател на СОНК

A1ON.MK

16/10/2026

16:16

177

Големина на фонт

а а а

Стојко Рамов е избран за нов претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија (СОНК) на денешниот VIII редовен конгрес на Синдикатот. Како приоритети во претстојниот период Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата со цел подобрување на економско-социјалниот статус на вработените.

– Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Во претстојниот период треба да се потпише колективен договор за детската заштита и нов колективен договор за културата, така што нѐ чека многу работа. Се надевам дека ќе наидеме на разбирање од социјалните партнери, со што ќе успееме да го подобриме економско-социјалниот статус на просветните работници во цела Македонија – истакна Рамов.

Во однос на временската рамка за реализација на овие очекувања, тој посочи дека постигнувањето договор зависи од двете страни во преговорите.


– Тоа се преговори и не зависи сè само од СОНК, туку и од другата страна. Затоа треба да изнајдеме заемно прифатливо решение со цел постигнување договор – рече Рамов.

Досегашниот претседател на СОНК, Јаким Неделков, на конгресот посочи дека покрај сумирањето на резултатите од изминатиот петгодишен период, се очекуваат и промени во раководството. На конгресот, додаде, присуствуваат речиси 270 делегати од целата држава.

Неделков оцени дека социјалниот дијалог треба да продолжи и преговорите да завршат што е можно побргу. Посочи дека дел од прашањата се усогласени, но дека одредени економски околности го спречиле целосното завршување на разговорите.

– Во делот на детската заштита веројатно има уште многу да се работи од типот на менување одредби од Законот за заштита на децата, како и измена и дополнување на некои одредби во колективниот договор. Имаме соодветни проблеми и во делот на културата, во врска со системот на исплата на платите и слично – рече Неделков.

Нагласи и дека треба да се најде соодветна рамка за ученичките и студентските домови со акт што ќе ги уреди работните односи и исплатата на платите. Како краен рок за завршување на процесите ги посочи 2027 година, со можност тоа да се случи и порано.


– Да не ги заборавиме и ученичките и студентските домови, кои, дефинитивно, треба да се стават во соодветна рамка. Треба да постои акт врз основа на кој ќе се работи, ќе се соработува, ќе се договара и, конечно, ќе се зема плата според документ што ќе биде општоприфатлив за сите во државата, а не поединечно кој како може да земе плата – рече Неделков.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, која присуствуваше на конгресот на покана на СОНК, оцени дека досегашната соработка со Синдикатот придонела за спроведување на образовните политики. Јаневска му се заблагодари на досегашното раководство на СОНК за соработката и посочи дека една од придобивките е четиригодишниот план за континуирано зголемување на платите на наставниците, кој нагласи дека треба да продолжи и во март в година.

Јаневска ги посочи и кариерното напредување на наставниците, подобрувањето на условите за работа и намалувањето на административните обврски како прашања на кои заеднички се работело.

– Една од најголемите придобивки од соработката со досегашното раководство е четиригодишниот план за постојано зголемување на платите на наставниците, што ќе продолжи и следната година во март. Но, и многу други поволности што треба да ги има наставничкиот кадар, како што се кариерното напредување, олеснувањето на условите за работа и намалувањето на администрацијата. Сето ова е соодветно заеднички сработено – рече Јаневска.

Дополнително, министерката посочи дека МОН спроведува сложена реформа во која ниеден наставник нема да ја изгуби работата.

– Спроведуваме сложена реформа во која ниеден наставник нема да ја изгуби работата. СОНК е информиран, ние сме информирани и спроведуваме оптимизација. Со задоволство сакам да истакнам дека нашата досегашна соработка дава резултати и се надевам дека така ќе остане и во иднина – рече Јаневска.

На новинарско прашање што подразбира оптимизацијата, со оглед на тоа дека нема да има отпуштања на наставничкиот и професорскиот кадар, Јаневска одговори дека целта е подобрување на образовниот процес и на условите за работа нагласувајќи дека во меѓувреме нема да има нови вработувања.

– Оптимизацијата значи подобрување на образовниот процес во целина. Генерално, најголемата корист ќе ја имаат учениците, но тоа не значи дека и наставниците нема да се чувствуваат подобро во работата, со подобри услови и со соодветно организирани групи. Овој процес би требало да трае најмногу четири години, период во кој ниеден наставник нема да го изгуби работното место, но во меѓувреме нема да има нови вработувања – рече Јаневска.

Претходно, Неделков оцени дека досегашното спроведување на оптимизацијата било добро менаџирано во соработка меѓу социјалните партнери и дека нема отпуштања вработени во образованието.