Медведев: Во Европа објавен лов на Руси

Макфакс

09/10/2026

17:00

215

Големина на фонт

а а а

Дмитриј Медведев го осуди апсењето на руски граѓани во Европа, велејќи дека е во тек лов на Руси низ европските земји, и предупреди дека Москва може да одговори со притворање на граѓани од Европа и САД.

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, го коментираше апсењето на сопственикот на Телеграм каналот „Рибар“ Михаил Звинчук во Црна Гора, велејќи дека „е објавен лов на Руси“ во Европа.

„Нашите, се разбира, шетаат низ европските земји без причина. Дури и со добри намери и важни цели. Потенцијално е објавен лов на сите Руси (нагласувам – сите)“, рече Медведев.

Тој додаде дека во такви ситуации, според него, ниту визите, ниту поканите, ниту другите гаранции не помагаат.

„Тие можат да уапсат секого, особено ако ја кажат вистината за западните земји, ЕУ и бандеровиот неонацистички режим“, изјави Медведев.

Рускиот функционер процени дека Москва би можела да прибегне кон притворање на граѓани на европски земји и САД за можно размена за уапсените Руси.

Медиумите во Подгорица претходно објавија дека Звинчук, неговата сопруга Валерија и тројца соработници биле приведени во Рисно, како дел од операција на црногорските служби насочена кон лица за кои се сомнева дека се поврзани со руската мрежа „Рибар“.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ го потврди апсењето на Звинчук и на социјалната мрежа Икс изјави дека Црна Гора „ги брани своите интереси и дека никој нема да ја загрози европската иднина на Црна Гора“, пренесуваат медиумите.