Брајан Џонсон е милионер кој е опседнат со идејата да го забави стареењето, а неодамна привлече внимание со објава на социјалните мрежи во која покажа необичен начин на опуштање со својата девојка Кејт Толо.
Парот практикува нешто што го нарекува „прегратки со тежината на телото“, а Џонсон тврди дека овој метод им помага да се смират и опуштат.
Џонсон (49), покрај фотографијата на која лежи врз Толо во положба за планк, објаснил зошто го прават тоа.
„Често легнувам врз Кејт со целата тежина на моето тело. Длабокиот притисок го смирува нејзиниот нервен систем, ги стишува забрзаните мисли и поттикнува ослободување на окситоцин, што го намалува кортизолот. Ова го нарекуваме ГЛП-Брајан“, напишал тој.
Толо ја опишала оваа практика како една од нејзините „омилени терапии“. Нивната објава предизвика бројни реакции, а корисниците главно беа изненадени од нивниот метод. „Јас тоа го нарекувам ’време за тешко ќебе‘ кога мојот сопруг го прави тоа“, коментирала една корисничка. „Кај нас тоа се нарекува ’гмечење‘“, додал друг корисник.
Што вели науката?
Иако нивниот начин на опуштање може да изгледа необично, идејата за длабок притисок не е сосема нова. Допирот и физичката блискост можат да влијаат врз нервниот систем и кај некои луѓе да придонесат за чувство на сигурност и опуштеност. Физичкиот контакт се поврзува и со промени во нивото на хормоните поврзани со стресот, вклучувајќи ги окситоцинот и кортизолот.
Токму на идејата за длабок притисок се темели и популарноста на ќебињата со дополнителна тежина. Тие создаваат рамномерен притисок врз телото, а на некои луѓе можат да им помогнат да се опуштат и полесно да заспијат. Меѓутоа, не е докажано дека лежењето на друга личност врз телото на друга личност има исти ефекти како ќебето со дополнителна тежина, ниту дека таквата практика сама по себе го зајакнува имунитетот или го штити здравјето на срцето.
Затоа, методот на Џонсон сепак треба да се смета повеќе за нивен личен начин на опуштање отколку за научно докажана здравствена терапија.












