[ФОТО] Неочекувана средба во Москва: Путин го прослави роденденот со поранешениот германски канцелар

Точка

09/10/2026

09:40

572

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин го прослави својот 74-ти роденден во друштво на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, кого Кремљ во вчерашното соопштение го нарече „стар пријател“ на Путин.

Кремљ соопшти дека Путин утрото на 7 октомври од медиумите дознал дека Шредер престојува во Москва, по што го поканил во својот дом, пренесе „Ведомости“.

„Претседателот го покани својот стар пријател кај себе. Герхард Шредер беше со Владимир Путин кога шефот на државата вчера го прославуваше својот роденден“, се наведува во соопштението на прес-службата на Кремљ.


Кремљ објави и заедничка фотографија од Путин и Шредер, на која двајцата политичари се наоѓаат во просторија со печка и самовар.

Шредер во средата престојувал во Москва, каде што се сретнал со вработените во компанијата „ХиперГлобус“, руската филијала на германскиот трговски синџир „Глобус“.


Поранешниот германски канцелар на почетокот на октомври станал член на надзорниот одбор на компанијата која работи во Русија.

Според пишувањата на руските медиуми, Шредер одржал поздравен говор, по што разговарал со вработените зад затворени врати.


*Шредер и Путин, фотографирани во Санкт Петербург во 2005 година

Путин претходно, за време на средбата со раководителите на светските новински агенции на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, зборувал за Шредер, наведувајќи дека не го смета за личен пријател, туку за еден од најдобрите германски државници.

Шредер (82), кој беше германски канцелар од 1998 до 2005 година, со години одржува блиски односи со рускиот претседател. По почетокот на конфликтот во Украина, тој повеќепати ја посетил Русија и се сретнал со Путин.


*Путин и Шредер на економски форум во Санкт Петербург, Русија, 21 јуни 2012 година

Во мај 2026 година, Путин го споменал Шредер како „пожелен“ посредник во можните преговори меѓу Русија и Украина.

Соработката на Шредер со руските компании и неговите контакти со Путин со години предизвикуваат контроверзии во Германија, особено по почетокот на војната во Украина.