Бурек, баклава и ќебапи ја освојуваат Германија: Зошто балканските пекарници одеднаш станаа толку популарни?

Точка

08/10/2026

19:40

431

Големина на фонт

а а а

Бурек, баклава, кремпита и други јадења карактеристични за Југоисточна Европа сè почесто се среќаваат во германските градови. Бројот на т.н. балкански пекарници расте, а експертите сметаат дека зад нивното ширење стои комбинација од промени во прехранбените навики, туризмот и сè поголемото присуство на луѓе со потекло од тој дел на Европа.

Една таква пекарница неодамна е отворена во Равензбург. Сопственичката Имране Бафтиу, чии родители од Косово дошле во Германија како гастарбајтери, покрај леб и бурек нуди и ќебапи, слатки и други јадења од различни земји во регионот.

„Мојата цел беше да создадам место каде што луѓето ќе се чувствуваат пријатно. Така го познавам тоа од мојата татковина“, рекла Бафтиу.


Меѓутоа балканските пекарници повеќе не се ограничени само на големите градови.

„Забележавме сè поголем број пекарници од Балканот“, истакнал Франк Заутер, директор на пекарскиот еснаф во Баден-Виртемберг.

Точниот број на такви пекарници во Германија не е познат, бидејќи за нив не постои посебна статистичка категорија, но понудата се шири и во помалите средини, пишува „Феникс магазин“.

Зошто одеднаш станаа толку популарни?

Културологот Гунтер Хиршфелдер од Универзитетот во Регенсбург смета дека растот на популарноста не е случаен. Традиционалните германски пекарници се соочуваат со зголемени трошоци и недостиг на работници, поради што дел од деловните простори остануваат празни. Истовремено се менуваат и навиките на потрошувачите.

Големите класични оброци губат на значење, додека расте побарувачката за храна што е нешто помеѓу ужина и целосен оброк.


„Балканските пекарници ја задоволуваат токму таа потреба“, објаснил Хиршфелдер.

Тие често не се само пекарници, туку ја комбинираат продажбата на леб и печива со понуда на бурек, ќебапи, слатки и други брзи јадења.

Важна е и културната промена. Според Хиршфелдер, перцепцијата за Балканот во Германија значително се променила. Хрватска со години е популарна туристичка дестинација, сè повеќе Германци ги посетуваат Сараево, Белград и Албанија, а храната од регионот за многумина повеќе не е непозната или егзотична.

„Тоа е нешто што го познавате од одморите, од семејството, од пријателите“, објаснил тој.


Дополнителен фактор е бројната заедница на луѓе со потекло од Југоисточна Европа. Втората и третата генерација пораснале во Германија, таму работат и започнуваат сопствени бизниси, а со нив во германските градови пристигнува и кулинарската понуда на нивните семејства.

Дали се конкуренција на германските пекарници?

Во германскиот пекарски еснаф признаваат дека балканските пекарници привлекуваат дел од купувачите кои инаку би купувале во традиционалните пекарници, но нивниот раст засега не го сметаат за сериозна закана.

Класичните германски пекарници главно нудат значително поголем избор на леб и традиционални печива, додека балканските пекарници се повеќе насочени кон комбинација од пекарски производи и готови оброци.


Како што истакнуваат од еснафот, ниту цените не им даваат нужно голема предност, бидејќи и тие се соочуваат со истиот раст на трошоците како и остатокот од пекарската индустрија.

Сличен став има и Централното здружение на германскиот пекарски занает. Оттаму порачуваат дека традиционалните и балканските пекарници можат да функционираат една покрај друга и дека сè поразновидната понуда на храна едноставно ги одразува промените на германскиот пазар.