Кога ќе кажете моден кастинг и ревија, многумина помислуваат на гламур или барем на вовед во спектакл. И не грешат, има такви аудиции, но постои и онаа друга страна, за која помалку се зборува и која, според зборовите на манекенката Јенте Лиза Рајтсма, воопшто не е гламурозна.
Манекенката Јенте Лиза Рајтсма, која изгради кариера работејќи кампањи за брендови како „Toni&Guy“, „DSQUARED2“ и „Superdry“, откри детали за лошите хигиенски стандарди во модната индустрија, односно на кастинзите.
Во видеото што го објави на Тикток, „Нехигиенски работи во манекенството“, ги опиша своите искуства и предупреди дека не сите модни куќи со кои соработувала се подеднакво професионални.
Најпрво ја издвоила практиката на шминкерите да користат иста четка на стотици модели за време на модните ревии. „Ќе ве наредат пред да излезете на пистата и ќе кажат: ‘Завршни поправки!’. Тогаш знаете дека треба да побегнете и да се скриете“, истакнала таа и додала дека тогаш шминкерот би пришол со мала четка, поминувајќи со неа од уста на уста и од око на око. „Јас во тоа не учествувам“, вели таа.
Потоа се осврнала на снимањата во костими за капење и долна облека. Како што истакнала, на моделите во повеќето случаи им е дозволено да ја задржат долната облека што ја носеле. Понекогаш се користат хигиенски влошки за повеќе манекенки да можат да го пробаат истото парче облека – опција која ја опишала како не баш идеална, но до одреден степен прифатлива.
Меѓутоа, се присетила на ситуација на кастинг во Милано која ја опишала како „дно на дното“.
„Бев една од последните девојки во редот. Ми рекоа: ‘Добро, само облечи го ова бикини’. Прифатив без премногу да размислувам за тоа. Го зедов долниот дел и нема ни да ви кажам што видов. Можете само да замислите. Стотици модели ја носеле истата таа танга и тоа беше јасно видливо“, раскажала таа.
Рајтсма, холандска манекенка родена во Нов Зеланд, одбила да го облече спорното парче облека. На крајот го завршила кастингот носејќи го горниот дел од бикинито, но ја задржала својата долна облека. „Сериозно ви велам, јас ова не го правам“, инсистирала таа.
Видеото го завршила со приказна за становите во кои престојуваат моделите за време на ангажманите. „Подобро и да не почнувам да зборувам за становите за модели... Толку се одвратни“, рекла таа. Како пример ги навела становите за машки модели. „Насекаде има влакна, мувла и секакви работи. Ужасно е нечисто, а ним воопшто не им е гајле и целосно се опуштени во врска со тоа“, објаснила.
Нејзината снимка има околу осум милиони прегледи, а во описот стои „Не, човече, тоа не е во ред“.














