„Jaguar Land Rover“ го претстави во Њујорк новиот електричен автомобил „Jaguar Type 01“, препознатлив по исклучително долгиот преден дел, отсуството на задно стакло и бројните технолошки решенија. Британскиот производител на луксузни автомобили со тоа настојува да го искористи потенцијалот за раст на американскиот пазар.
Компанијата, чиј сопственик е индискиот „Tata Motors“, соопшти дека „Type 01“ е електричен автомобил со четири врати во „GT“ изведба. Моделот доаѓа во ненаметливи, пригушени тонови, а почетната цена изнесува 130.500 долари.
Од „Jaguar“ наведуваат дека „Type 01“ претставува „почеток на нова генерација возила на ’Jaguar‘ и трансформативна нова ера“ за овој бренд.
Високата цена претставува своевиден ризик на американскиот пазар, каде што интересот за електрични возила е послаб отколку во Европа.

„JLR“, меѓутоа, планира посилно да го насочи вниманието кон американските купувачи во момент кога европската автомобилска индустрија, особено сегментот на електрични возила, се соочува со притисокот од конкурентните и ценовно попристапни кинески автомобили, трошоците за царини и нарушувањата предизвикани од војната на САД и Израел против Иран.
Дизајнот на моделот „Type 01“ потсетува на спортските автомобили „E-Type“ на „Jaguar“ од 1960-тите, кои и денес се многу ценети меѓу колекционерите.
Новиот модел претставува продолжение на редизајнот на брендот што „Jaguar“ го започна во 2024 година со претставувањето на радикалниот концепт „Type 00“, тогаш прикажан во впечатлива розова боја.
„Type 00“ и новата насока на брендот предизвикаа критики меѓу љубителите на автомобили, но и кај одредени политичари.

„Jaguar“ во процес на закрепнување
„JLR“ истовремено настојува да закрепне од сајбернападот кој минатата година го запре производството и предизвика нарушувања во синџирот на добавувачи.
Во рамките на планот за закрепнување, компанијата минатиот месец најави намалување на бројот на вработени за речиси 10 проценти преку програма за доброволно заминување од компанијата во наредните две години.
Во рамките на реорганизацијата, „JLR“ се обврза дека целата своја понуда ќе ја префрли на електрични возила, иако одредени раководители во автомобилската индустрија изразуваат сомнеж дека богатите купувачи се подготвени целосно да преминат на електрични автомобили.

Претходно годинава „Ferrari“ наиде на критики поради својот прв обид за развој на електрично возило, првенствено поради дизајнот кој значително се разликува од традиционалните модели на италијанскиот производител со бензински мотори.
„Bentley“ минатиот месец го претстави својот прв електричен автомобил, кој ќе биде позициониран во долниот дел од ценовниот распон на таа марка.

„Lamborghini“, од друга страна, ја исклучи можноста за претставување целосно електричен модел пред крајот на оваа деценија.
„McLaren“ минатиот месец исто така соопшти дека во моментов нема планови за преминување на електрични возила, наведувајќи дека нивните купувачи не покажале интерес за напуштање на моделите со бензински мотори.










