Заборавете на модерната електроника: Овие спортски автомобили ја враќаат старата школа.
Американската компанија „Karmenda Karosserie“ отвори претпродажни нарачки за три необични спортски автомобили со воздушно ладени мотори.
Моделите „Type X“, „Type C“ и „Type S“ се потпираат на техниката на „Volkswagen“ и на класична конструкција, а секој е наменет за различен вид возење. Производството би требало да започне во вториот квартал од 2027 година, додека првите испораки се очекуваат неколку месеци подоцна.

Три модели за три различни намени
„Karmenda Type X“
Најскапиот модел во понудата е „Type X“, чија цена започнува од 189.600 долари (172.400 евра).
Наменет е за возење надвор од асфалтот, а го придвижува воздушно ладен четирицилиндричен мотор со зафатнина од 2.332 кубни сантиметри и моќност од 200 КС.
Спарен е со четиристепен менувач приспособен за теренско возење.
Системот за потпирање има од од 30 сантиметри на секое тркало, а опремата вклучува теренски гуми, заштита на подвозјето и дополнителни рели-светла.

„Karmenda Type C“
„Type C“ е спортско купе наменето за асфалт, со истиот мотор од 200 КС.
Цената започнува од 178.900 долари (162.700 евра).
Опремен е со двоен карбуратор и четиристепен менувач со подолги преносни односи, додека петстепен менувач е достапен како опција.

„Karmenda Type S“
Најлесниот и најпристапниот модел е „Type S“, со почетна цена од 134.100 долари (122.000 евра). Го придвижува помал воздушно ладен мотор со зафатнина од 2.110 кубни сантиметри и приближно 150 КС.
Користи скратена и реставрирана шасија на „Volkswagen“.

Резервацијата чини 5.000 долари
За резервација на кој било модел потребно е да се уплатат 5.000 долари, кои целосно се сметаат во конечната цена на автомобилот. Планот за плаќање предвидува 50 отсто од цената на почетокот на производството, 25 отсто кога ќе започне склопувањето и преостанатите 25 отсто по завршната контрола на квалитетот, пишува „Motor1“.
Купувачите што ќе потпишат соодветен договор до 7 март 2027 година, последниот ден од манифестацијата „Amelia Week“, ќе добијат воведен попуст од 10 отсто. Првиот демонстрациски примерок, „Type X“, би требало да ѝ биде претставен на јавноста токму за време на оваа манифестација, од 4 до 7 март 2027 година.

Компанијата планира за производството на секој стандарден автомобил да бидат потребни околу осум месеци, а првите возења на купувачите се очекуваат околу октомври 2027 година. Гаранцијата трае две години или 20.000 милји (околу 32.000 километри) и може да се пренесе на следниот сопственик.
Сите три модели ги задржуваат едноставната механика и карактеристичните воздушно ладени мотори. Тоа значи и почести промени на маслото и редовно нагодување на вентилите, но одржувањето би требало да биде релативно едноставно во сервисите што ги познаваат класичните модели „Volkswagen Буба“ и воздушно ладените модели на „Porsche“.














