[ВИДЕО/ФОТО] Поминала 235 дена во вселената, а следува најтешкиот дел: Ќе бидат потребни месеци за нејзиното тело да закрепне

Точка

07/10/2026

12:59

427

Големина на фонт

а а а

Француската астронаутка Софи Адено денес го започнува своето враќање на Земјата по 235 дена поминати на Меѓународната вселенска станица („ISS“), каде што за време на три излегувања во отворена вселена поминала вкупно речиси 20 часа, јавуваат француските медиуми.

Адено по враќањето ќе помине низ повеќенеделна програма за закрепнување, по што ќе ѝ бидат потребни месеци за телото целосно да се приспособи на условите на Земјата, пренесува телевизијата „BFM“.

Таа на височина од околу 400 километри над Земјата поминала вкупно 235 дена, со што поставила рекорд за најдолг непрекинат престој во орбитата на еден европски астронаут, без оглед на полот.

На „ISS“ пристигнала на 14 февруари, а денес со тројца членови на екипажот, Американците Џесика Мер и Џек Хетавеј и Русинот Андреј Федјаев, се качува во капсулата што цело време била прикачена за станицата.

„Ќе ми недостига неверојатниот поглед на нашата планета“

Француската астронаутка рекла дека се радува на враќањето кај семејството и на познатите земски задоволства, вклучувајќи ја традиционалната бретонска галета, но дека чувствува и „доза носталгија“ поради напуштањето на вселенската станица.

„Ќе ми недостига микрогравитацијата, како и неверојатниот поглед на нашата прекрасна сина планета“, навела Адено во видеоснимка објавена на „Instagram“.

Враќањето ќе трае околу 27 часа, а капсулата би требало утре во 17:34 часот по средноевропско време да влезе во атмосферата и да падне во Тихиот Океан, недалеку од брегот на Калифорнија.

По слетувањето во морето, капсулата ќе биде подигната на специјализиран брод, а астронаутите ќе бидат извлечени и префрлени на носилки или во посебно приспособени седишта за да се намали ризикот од несвестица и пад.


Адено и нејзините колеги потоа со хеликоптер ќе бидат префрлени на копно, а потоа со авион во Хјустон, каде што се наоѓа центарот на „NASA“ задолжен за астронаутите.

Француската астронаутка оттаму ќе отпатува во Келн во Германија, каде што во центарот за обука на астронаути на Европската вселенска агенција („ESA“) ќе започне програма за закрепнување што ќе трае околу три недели.

За време на престојот во вселената, Адено забележала забрзани промени на своето тело, вклучувајќи појава на седа коса, губење на флексибилноста и влошување на видот.


Долготрајниот престој во бестежинска состојба може да доведе до губење на коскената маса, слабеење на мускулите, намалена кондиција на кардиоваскуларниот систем и проблеми со видот, поради што ќе ѝ бидат потребни месеци вежбање и физичка рехабилитација за да се врати во формата од пред летот.

Адено воедно станала првата Французинка што излегла во отворена вселена.

За време на три вселенски прошетки, на 18 и 25 август и на 1 септември, поминала вкупно 19 часа и 42 минути надвор од вселенската станица, што го опишала како „врвот“ на својата мисија.