[ВИДЕО] Бугаринот Николај изел повеќе од 76 пеколно лути пиперчиња и станал светски шампион: Погледнете ја жестоката пресметка во финалето

Точка

05/10/2026

20:55

364

Големина на фонт

а а а

Бугаринот Николај „Papaworm“ Филипов е нов светски шампион во јадење лути пиперчиња.

Тој ја освоил титулата на „League of Fire“ по директниот дуел со трикратниот светски шампион и Гинисов рекордер Стивен „Fiery Redd“ Керган.

Ги одмериле силите во 14 рунди

Историското финале се одржа на 3 октомври на сцената на фестивалот „Софија Чили Фест 2026“, пред бројна публика.

Со победата, Филипов го освои шампионскиот појас на „League of Fire“ и го задржа во Бугарија. Неговиот успех претставува кулминација на повеќегодишни натпреварувања, подготовки и настапи на меѓународни натпревари.

Дуелот се претворил во вистински тест на издржливост за двајцата натпреварувачи. Филипов и Керган ги одмериле силите во 14 рунди, кои вкупно траеле еден час и 38 минути, пренесе „Moreto.net“.

На натпреварот биле користени специјално подготвени пиперчиња, чија лутина надминувала 1,5 милиони единици на Сковиловата скала, додека во две рунди натпреварувачите консумирале сосови со повеќе од шест милиони единици на Сковиловата скала.

„Беше тешка борба“

Секој од финалистите изел повеќе од 76 пиперчиња, што претставува рекорд во историјата на светското финале. 

„Немам зборови со кои би опишал колку сум среќен. Беше тешка борба и до последниот момент дадов сè од себе, бидејќи знаев каква можност е ова – за мене, но и за Бугарија“, изјавил Филипов непосредно по победата.


Тој му честитал на својот ривал за борбата и спортското однесување, а им се заблагодарил и на семејството, екипата на „Chilli Hills“, „League of Fire“, како и на сите навивачи кои го поддржувале на самото место и преку интернет.

Американецот Стивен „Fiery Redd“ Керган пристигнал во Бугарија како актуелен трикратен светски шампион на „League of Fire“. Само неколку дена пред финалето поставил и Гинисов светски рекорд, откако изел 50 пиперчиња „Ghost Pepper“ за помалку од пет минути.